На „Цар Борис“ и „Иван Михајлов“ уво не им чуло за законите, засега не побарале промена на називите во Централен регистар

Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола
Културен центар „Иван Михајлов“ - Битола (Фото: Фејсбук)

Битолското здружение на граѓани „Иван Михајлов“ и охридското „Цар Борис“ засега не го почитуваат Законот за здруженија и фондации, ниту одлуката на Комисијата за заштита од дискриминацијата и до Централниот регистар на Македонија не поднеле документација за промена на нивните називи.

– До овој момент од страна на законските застапници на наведените здруженија не се поднесени пријави за усогласување согласно последните измени на Законот за здруженија и фондации – одговорија од Централен регистар.

„Слободен печат“ го праша Централниот регистар дали здружението „Иван Михајлов“ од Битола постапува по одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација, според која до вчера требаше да го смени името и статутот и дали двете здруженија досега покренале постапка да ги сменат нивните називи, согласно последните измени на Законот за здруженија и фондации, според кои е забрането да се користат имиња поврзани со личности и настани од времето на фашизмот, Третиот рајх итн, за што законскиот рок е до крајот на јануари.

Од Комисијата за заштита од дискриминацијата вчера информираа дека истече рокот од 45 дена за Здружението „Иван Михајлов“ да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата, откако претходно Комисијата утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност со основањето на клубот.

– Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број на луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство. Според нашиот закон надлежностите се тие. Доколку не се исполни препораката во мислење од Комисијата за дискриминација, надлежностите понатаму се на Обвинителството. Но, идејата не е да се казнуваат граѓаните парично, идејата е да се отстранат сите практики кои создаваат нееднаквост во ова општество – информираа вчера од Комисијата за запштита од дискриминација.

Санкцијата со која се соочува битолското здружение „Иван Михалјов“ е од три до 10 илјади евра. Но, бугарскиот центар може да се соочи и со кривична одговорност, најавија од Комисијата, бидејќи не е испочитуван ниту рокот за отстранување на спорните содржини, објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.

Според измените на Законот за здруженија, пак, ако до февруари „Иван Мигхајлов“ и „Цар Борис“ не ги сменат имињата, ќе бидат избришани од Централниот регистар, односно министерот за правда ќе донесе решение за нивна ликвидација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот