МЗТ Скопје ќе менува дел од странците

фото: мztskopjeaerodrom.mk/

Директорот на МЗТ Скопје Аеродром, Тони Грнчаров, најави промени во составот на македонскиот кошаркарски шампион.

МЗТ Скопје е лидер во домашниот шампионат, додека во АБА2-лигата се наоѓа на второто место, но управата не е задоволна од прикажаните игри на дел од странските кошаркари. Поради тоа, директорот Тони Грнчаров во изјава за клупската веб-страница најави промени во играчкиот кадар.

Во МЗТ Скопје во моментов играат Американците Џабари Хиндс и Ерон Харис, Србите Ѓорѓе Милошевиќ и Бојан Радуловиќ, Хрватот Марин Морнар и Турчинот Рагип Атар.

– Резултатски не можам да бидам незадоволен од тоа што досега е направено, но нормално е секогаш да се цели кон нешто уште подобро. Првичните замисли ни беа да атакуваме на двата домашни трофеи како и најмалку на пласман во плејофот во АБА2, но подготвени сме да сториме сѐ што е во наша моќ да го дооформиме тимот со кој би дошле до финалето, а таму нека победи подобриот. Не е тајна дека не сме задоволни од учинокот на дел од странските засилувања и во следниот период дефинитивно ќе направиме претумбации во тој дел. Активни сме на пазарот барајќи поквалитетни дополнувања, иако немаме премногу време, бидејќи преодниот рок во АБА завршува в сабота. Промени сигурно ќе има, но на кои позиции и место кои интернационалци, дополнително ќе биде решено, изјави Грнчаров.

Поради репрезентативни настапи, во националните и регионалните првенства следува тринеделна пауза, по што МЗТ Скопје ќе продолжи со настапите во АБА 2 и во македонската Првата лига.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот