МВР и ОБСЕ потпишаа Меморандум за соработка за намалување на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје

Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска во Гевгелија, во рамки на одбележување на завршување на проектот „Намалување на ризикот од пролиферација на оружје и муниција” што се реализираше во изминатите три години, потпишаа Меморандум за соработка со што го означија стартот на новиот проект „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје”.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој го потпиша меморандумот заедно со Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, се продолжува таму каде што застанале мотивирани од неопходноста на што поквалитетно справување со овој, бездруго, не само национален, туку и регионален и глобален предизвик – контролата на малото и лесно оружје и муниција.

– Ако во штотуку завршениот проект фокусот беше свртен кон самата институција, односно кон развивањето сеопфатна внатрешна регулатива и процедури согласно прифатените меѓународни стандарди, како и зголемување на физичката безбедност и обезбедување на контролиран пристап преку инсталирање на современ безбедносно-технички и телекомуникациски-информациски систем на мерки за безбедносна заштита, со новиот проект што стартува, целите се насочени многу повеќе кон институционално дејствување во спроведување на законот, преку развивање на професионални капацитети способни за справување со транснационалните закани и организираниот криминал, во согласност со меѓународните демократски начела и стандарди за човекови права, рече Спасовски.

Целта на проектот е намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на огнено оружје во земјава преку зголемување на капацитетите за превенција, детекција, анализа и истраги на МВР и на другите владини организации.

Министерот Спасовски изрази уверување дека и овој проект, што ќе се реализира до втората половина од 2023 година, идентично како и претходните, ќе биде успешен и ќе значи силен придонес во нашите намери да воспоставиме професионален, нормативно квалитетен и ефикасен систем во превенцијата на профилацијата на малото и лесно оружје
За Спасовски, проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесно оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди, бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните за опасни последици од неконтролираната пролиферација на ова оружје.

– Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности претставува и еден од катализаторите кој што дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални и глобални настани. Од овој аспект примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување на соодветни програми, рече Спасовски.

Безбедноста на националните залихи на малото и лесно оружје, според амбасадорот Која, е од огромно значење за зголемување на безбедноста и придонес во борбата против организираниот криминал и спречување на трговијата со луѓе, што на крајот придонесува и за безбедноста на граѓаните во регионот и пошироко.

Ото Граф, заменик-шеф на Германската амбасада во Скопје, истакна дека целта на овој проект е да го поддржи секторот за спроведување на законот во Северна Македонија за развој на својата професионална служба.

– Ова ќе и помогне на земјата подобро да се справи со транснационалните закани преку мало и лесно оружје, како и во борбата против организираниот криминал, рече Граф.

Европската унија и германското Министерство за надворешни работи обезбедија финансиска поддршка за двата проекти. Во рамки на првиот проект, Мисијата на ОБСЕ му помогна на МВР да ја надгради безбедносната инфраструктура на 15 гранични премини низ целата земја, да воспостави стандардни оперативни процедури за управување со залихите на мало и лесно оружје и да ја зајакне улогата на Националната комисија за овој тип оружје.

Инаку, со Меморандумот, МВР и ОБСЕ и формално се согласуваат да спроведат неколку проектни активности за зајакнување на капацитетите на Министерството за детекција на малото и лесно оружје преку ефикасна употреба на службените кучиња, пилотирање на систем за размена на информации во реално време како придонес во борбата против недозволена трговија со мало и лесно оружје и зголемување на свеста кај јавноста од пролиферацијата и злоупотребата на оружјето.

– Активноста која се однесува на унапредување на оперативните и аналитичките капацитети за борба против недозволена трговија со мало и лесно оружје на Националната комисија за контрола на мало и лесно оружје особено ја истакнувам како чекор напред кој значително ќе придонесе и кон оптимизирање на работата на Комисијата, но и кон ефикасно спроведување на патоказот кон одржливо решение за незаконско поседување и шверц со мало и лесно оружје и муниција за Западен Балкан до 2024 година, истакна меѓу другото Спасовски.

Министерот Спасовски се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и на амбасадорот Која за организирањето на овој настан за одбележување на почетокот на проект, финансиран од германското Сојузно министерство за надворешни работи.
И покрај пандемијата, посочи Спасовски, во соработка со Организацијата за безбедност и соработка во Европа успешно е реализиран уште еден проект „Намалување на ризик од пролиферација на оружје и муниција”. Со реализацијата на овој проект е обезбедена зголемена физичка и информатичко-технолошка безбедност на залихите на мало и лесно оружје и муниција во петнаесет станици на граничната полиција и еден Регионален центар за гранични работи со цел обезбедување на сигурни и безбедни објекти за складирање на огнено оружје и муниција во согласност со меѓународните стандарди, а се изготви и стандардна оперативна процедура и Упатство за начинот на примена на истата.

Периодот што следи, најави министерот Спасовски, ќе биде исполнет со интензивни конкретни активности со кои ќе можеме да докажеме дека земјава е силно посветена на борбата против нелегалното поседување, злоупотреба и нелегална трговија со мало и лесно оружје и дека е цврст поддржувач на активностите кои поставуваат основа за засилена соработка за спроведување на Патоказот.

Во рамки на континуираните и примарни задачи на Министерството за внатрешни работи, конкретно во поглед на делот којшто се однесува на сите аспекти од контролата на пролиферацијата на малото и лесно оружје и муниција, потенцира Спасовски, полицијата продолжува сериозно и пред се темелно да ги зголемува своите капацитети – како за успешно и ефикасно спречување на недозволената трговија со овој вид на оружје, така и за нормативна и аналитичка регулација на овој сегмент, а се во насока на превенција од секакви потенцијални злоупотреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот