Квартетот на Пламенка Трајковска во Созопол, Бугарија

Музичкиот проект „Балканско патување“ на квартетот на Пламенка Трајковска ќе биде изведен на „Велешко културно лето“

Во рамки на програмата на манифестацијата „Велешко културно лето“, љубителите на класичната и етно-музиката ќе имаат ретка можност да уживаат во концертот „Балканско патување“, уникатен проект на Пламенка Трајковска и нејзиниот гудачки квартет.

Концертот ќе се реализира на 24 јули (четврток), во 21 часот, во паркот на ООУ „Васил Главинов“ во Велес. На концертот покрај Пламенка Трајковска ќе настапат и Милена Гиевска-Андоновска (виолина), Љубица Бошкоска (виола) и Александра Јаневска (виолончело).

„Балканско патување“ е музички проект кој веќе доби внимание на фестивали во регионот, градејќи богата концертна историја со секое ново издание. Проектот претставува спој на високо изведувачко ниво и културна мисија – да се зачува и пренесе балканската музичка традиција преку современ камерно-музички пристап.

Програмата нуди нов музички поглед кон балканското културно наследство, преку внимателно избрани аранжмани за гудачки состав кои ја оживуваат душата на традиционалните мелодии од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Секое дело има своја приказна – звучно и визуелно патување низ регионот, со спој на фолклорна сила и камерна елеганција.

По настапите во Софија и на престижниот фестивал „Soleil“ во Созопол во Бугарија, концертот на фестивалот „Есенски музички свечености“ во Скопје и концертот на „Илинденски денови“ во Битола, „Балканско патување“ пристигнува и пред велешката публика.

Првиот сингл од албумот „Балканско патување“ – „Балканска песна бр.11“, работена на македонската песна „Билјана платно белеше“ е веќе достапен на Spotify, iTunes и другите најголеми онлајн-платформи. Видеозаписот ќе биде промовиран на 2 август, по повод празникот Илинден.

Концертот се реализира со поддршка од Општина Велес, во рамките на програмата на „Велешко културно лето 2025“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот