Фото: Принтскрин/ Јутјуб

„Ролинг Стоун“ објави листа на 250-те најдобри песни досега во 21. век

Ако нешто го обележува 21. век кога станува збор за музиката, тоа е – постојана промена. Живееме во време кога вашата следна омилена песна може да дојде од каде било, од сите жанрови и од сите делови на светот. Начинот на кој ја доживуваме музиката непрекинато се менува. Кога во 2000 година „ЕнСинк“ (NSync) го објавија синглот „Bye Bye Bye“, тоа беше врвот на ерата на купување ЦД-а – сè додека и таа ера не исчезна. Потоа дојдоа Напстер, МајСпејс, АјПод. Потоа стримингот. Па враќањето на винилот. Постoјано се појавуваат нови звуци, а воздухот е исполнет со експериментална и разновидна музика, пишува „Ролинг стоун“.

Оттука и духот на листата на „Ролинг Стоун“ за 250-те најдобри песни на 21. век – мешавина од различни стилови, ритми и гласови. Некои се светски хитови, други култни класици, но сите заедно ја покажуваат креативноста и хаотичната убавина на современата музика.

Во самиот врв има песни од сите страни на светот – од Стокхолм до Лос Анџелес, од Нешвил до Њујорк, од Сеул до Сан Хуан. Растојанијата исчезнуваат, а единствен критериум биле: оригиналноста и музичката извонредност.

Ова се десетте најдобри песни во првата четвртина на 21. век, според „Ролинг стоун“:

10. Френк Оушн – „Thinkin Bout You“ (2012)

Песната се најде на списокот затоа што претставува пресвртница за современиот аренби и го покажува исклучителниот талент на Оушн како пејач и текстописец. Едноставна, но длабоко влијателна – токму тука лежи нејзината сила.

9. Бритни Спирс – „Toxic“ (2003)

Со „Toxic“, Бритни го потврди својот статус на поп-икона. Песната стана нејзин заштитен знак и сè уште звучи свежо и модерно, благодарение на иновативната продукција и уникатната комбинација на гламур, драмa и енергија.

8. Рејдиохед – „Idioteque“ (2000)

Песната важи за една од најрадикалните и најпредизвикувачки во рок-музиката во овој век – електронски, минималистички и крајно визионерски звук.

7. Кендрик Ламар – „Alright“ (2015)

Рефренот „We gon’ be alright“ стана химна на движењето Black Lives Matter – симбол на надеж и отпор. Песната покажува како музиката може да инспирира општествени промени и да ги обедини луѓето.

6. Робин – „Dancing on My Own“ (2010)

Химна за танц низ тагата – каде осаменоста станува ослободување. Песната е прифатена како симбол во ЛГБТ+ заедницата, а нејзиниот современ поп звук ја однесе до високото шесто место.

5. Тејлор Свифт – „All Too Well“ (2012)

Совршен пример за нејзиниот раскажувачки талент. Една од најмоќните песни за раскинување во модерната музика – емотивна, детална, епска.

4. Вајт страјпс – „Seven Nation Army“ (2003)

Една од најпрепознатливите рок-песни во историјата. Препознатливиот риф практично стана дел од глобалната култура – од стадиони до протести, од барови до фестивали.

3. Бијонсе и Џеј Зи – „Crazy in Love“ (2003)

Од првиот такт е јасно дека тука почнува нова ера во попот. Експлозивна комбинација на фанки ритам, моќен вокал и химнична енергија.

2. Је Је Јеас – „Maps“ (2003)

Карен О покажува искреност како ретко кој во рок-музиката. Интимна, а моќна песна која стана инспирација за цела генерација музичари.

1. Миси Елиот – „Get Ur Freak On“ (2001)

Песна која го промени звукот на хип-хопот. Експериментален ритам инспириран од бхангра, одважна продукција и уникатната енергија на Миси и Тимбаленд. Затоа „Ролинг стоун“ ја смести на самото прво место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот