Фото: Приватна архива

Муслите и соковите топ рекордери во производството- смена на позициите на македонските прехранбени адути

Според ДЗС, пред три години oд македонските погони излегле над 2,8 милиони килограми мусли. Меѓу петте топ прехранбени производи што во 2022 година се произвеле во земјава, се и мешавините од овошни и зеленчукови сокови, брашното и наполицата, неконцентрираните сокови и млечните производи за мачкање (маргарин, путер) со помала масленост од 80 проценти

Македонската прехранбена индустрија масовно прави сокови, здрава храна и брашно, а производите од типот „мусли“ биле лидери во производството на храна во 2022 година, покажува најновата анализа на Државниот завод за статистика. Според ДЗС, пред три години oд македонските погони излегле над 2,8 милиони килограми мусли. Оваа здрава храна се состои од комбинација на житарки, сушено овошје, јаткасти плодови и семки.

Зрната во муслите се сурови, што е она што ги разликува од гранолата, која содржи печени зрна. Муслите обично се јадат со млеко со ниска масленост или јогурт или сок од портокал. Неговите сложени јаглехидрати, влакна, протеини и хранливи материи можат да бидат вклучени во диета за слабеење, но сепак треба да бидете внимателни кога станува збор за калории. Муслито е воведено околу 1900 година од швајцарскиот лекар Максимилијан Бирхер-Бенер и било наменето за пациенти во болници, каде што исхраната богата со свежо овошје и зеленчук била составен дел од терапијата. Максимилијан бил инспириран од слично јадење што тој и неговата сопруга го јаделе на патувања во Швајцарските Алпи. Мусли во својата модерна форма стана популарно во западните земји во раните 1960-ти. Брзо стана неопходен дел од здрав начин на живот и вегетаријанска исхрана.

Инаку, покрај муслите од македонските погони пред три години излегле над 140 илјади хектолитри сокови и над 82 илјади тони брашно. Меѓу петте топ прехранбени производи што во 2022 година се произвеле во земјава, се и мешавините од овошни и зеленчукови сокови, брашното и наполицата, неконцентрираните сокови и млечните производи за мачкање (маргарин, путер) со помала масленост од 80 проценти. Производството на леб е на седмото место, а по него следуваат неконцентрираните сокови од портокал, другите концентрирани овошни сокови и на крајот се редат киселите млека и јогуртите.

Индустријата за преработка на храна во земјава, која вредносно го надмина и извозот на вино, ја претставуваат 50 компании со капацитет за преработка од околу 180.000 тони овошје и зеленчук годишно, вели меѓудругото во интервју за МКД.мк, Васко Ристовски, координатор на здруженијата за земјоделство, прехранбена и тутунска индустрија при СКСМ. Според Ристовски, преработката на храна и пијалаци, како и преработката на свежо овошје и зеленчук е значаен сегмент во Македонија. Преработената храна вклучува и полуготови производи (замрзнати, сушени и концентрати) и готови производи (конзервирани). Над 75 отсто од преработената храна се извезува, главно, во ЕУ и во соседните земји. Повеќето капацитети за преработка на храна се приватни компании.

-Преработувачите, главно, користат домашна суровина, црвена пиперка, индустриски домат, вишни, јаболка и сливи. Сè уште имаме потреба од интервенции (капацитети и стабилен принос и квалитет на суровината) за да се зголеми нискиот обем на преработка на храна во земјава, а во последните години видно се истакнуваат и проблемите со квалификувани работници, со тешкотии при пристапот до финансирање, со недостиготод софистицираност на добавувачите, со високите царини за увоз на суровината итн. Потребно е воспоставување стабилни деловни односи со сигурни и ефикасни увозници и дистрибутери, со пристап до соодветни канали за дистрибуција и продажба – објаснува Ристовски.

Главните пазари за земјоделски и прехранбени производи се ЕУ со 50,5 отсто од вкупниот извоз и земјите од ЦЕФТА со 32 отсто. Главни извезени земјоделски производи од Македонија се тутунот, виното, зеленчукот (свеж и конзервиран), овошјето и јагнешкото месо. Главни земјоделски производи што се увезуваат се: сурово месо, млеко и млечни производи, житарки, сончогледово масло, овошје и зеленчук и преработена храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот