Муриќ: Превозниците ќе ги тргнат автобусите од Илинденска ако премиерот гарантира дека ќе се реши нивниот проблем

Кемал Муриќ, „Слобода превоз“/Фото: Слободен печат

Не се работи за никаква закана и никаква уцена, овој протест е најзаконски и најлегален и ние ќе продолжиме и понатаму со протестот. Очекуваме да не прими премиерот. Немаме ништо против да учествува и Градот Скопје и неговите служби или кој било што ќе придонесе за решавање на нашиот проблем и на оваа состојба.

Ова е ставот на Кемал Муриќ од „Слобода превоз“ по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е подготвен да ги прими на средба превозниците под услов автобусите да се тргнат од Илинденска, со цел да се создадат услови за преговори што нема да не бидат под уцени и притисок. На прашањето дали ќе ги отстранат автобусите, тој рече дека ако има гаранции од страна на премиерот дека ќе се реши нивниот проблем, возилата веднаш ќе бидат тргнати.

Тој денеска обелодени дека градоначалници блиски до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вршат притисок врз дел од превозниците да се пријават на огласот за јавен автобуски превоз во главниот град, откако вчера е донесена едногласна одлука тие да не учествуваат на повикот.

Преку одредени скопски градоначалници, приватно блиски со Данела Арсовска, се врши притисок врз дел од нашите колеги да се пријават на огласот. Сакам да известам дека сите превозници се едногласни да не учествуваат на тој оглас. Одлуката е донесена вчера – изјави Муриќ.

Муриќ посочи и дека јавниот повик за пријавување на приватните превозници се однесува само за две од вкупно 16-те линии што тие досега ги опслужуваа, како и дека не него можат да се пријават само преку фирма, но не и поединечно.

Тој смета дека се лаги тврдењата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска дека долг кон нив не постои, дека приватните превозници продавале билетите, а парите не ги пријавувале, туку ги ставале во своите џебови, дека бројот на приватните автобуси е седумдесетина и дека секој превозник ќе може поединечно да се пријави на огласот на новиот јавен повик.

Муриќ нагласи и дека со паркирањето на 208 автобуси околу седиштето на Град Скопје за време на протестите, покажале дека е лага и тврдењето на Арсовска оти нивниот број е 70-тина, а ги посочи и виновниците за целата состојба.

 На врвот на проблемот е Данела Арсовска, а веднаш до неа се секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Александар Стојковски, и човекот кој самиот се нарекува градоначалник во сенка, Драги Митковски, познат како Драги Книга, кој иако нема никаква официјална позиција, често е во ЈСП и на полутајни средби со директорот на ЈСП – изјави Муриќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот