Муралот „Илинден 1903“ од Лазески е културно наследство кое ја воспева херојската борба на македонскиот народ

Зоран Љутков, министер за култура и туризам

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на 31 јули во Музејот на македонската борба ја отвори изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903“ со скици и цртежи од академскиот сликар Борко Лазески, посветена на одбележувањето на двата големи празника од нашата историја – 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), известија од Министерството за култура и туризам.

Селекција од 24 скици и цртежи, изработени од познатиот уметник Борко Лазески, коишто послужиле како план за монументалната фреска Илинден 1903, за првпат се претставени пред македонската публика. Автор на проектот е Марија Коробар, а изложбата се организира во соработка со Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје.

Министерот Зоран Љутков и авторката на проектот Марија Коробар

Министерот Љутков во своето обраќање истакнал дека изложбата е пример за тоа како уметноста може да го раскаже минатото, да ја заживее историјата, да го пренесе борбениот дух на Македонците.

– Токму муралите на нашиот современ академски сликар Борко Лазески, како визуелна форма на уметноста, се историска хроника за најзначајните моменти во нашата историја врежани во боја и форма, каде што во секој детаљ може да се почувствуваат слободата и страста на оние што го оствариле својот сон. Тие се потсетник за тоа што сме постигнале и каков пат сме поминале како нација – истакнал Љутков.

Овој мурал – додал тој – не само што ни ги пренесува настаните од еден историски период, туку и ни помага да ги разбереме и да ги цениме вредностите за кои се бореле нашите претходници.

– Ова дело е уметничка анализа за обичните луѓе кои се претвориле во херои, за нивната пожртвуваност и нивните надежи. Истовремено е и инспирација за идните генерации нудејќи им можност да ја почувствуваат и да ја разберат борбата за слобода на начин што ги надминува традиционалните историски наративи – рекол министерот за култура и туризам.

Љутков потенцирал дека е горд на нашето културно наследство и на делата што ги промовираат и ги зачувуваат нашите историски настани и личности. Нашата улога е, додал тој, да ги поддржиме и да ги охрабриме ваквите иницијативи, кои не само што го збогатуваат нашето културно богатство, туку и ја зајакнуваат нашата национална свест.

Изложбата ќе биде поставена до 30 ноември 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот