Најуспешното архитектонско дело во Македонија за годинава е мултинаменски комплекс во Ржаничино
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска им ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година на авторите Методи Хаџи-Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски од проектантското биро „Параметар студио“, за проектот „Мултинаменски комплекс“ во скопското село Ржаничино.
Препорачано
„Генезата на објектот произлегува преку синергија меѓу топографијата на теренот, контекстот што го опкружува и мултифункционалата програма која ќе вмрежи различни таргет групи на корисници во исти временски периоди“, се вели во описот на проектот на веб-страницата на Македонската асоцијација на архитекти (МАРХ).
Наградата традиционално ја доделува Асоцијацијата, под покровителство на Претседателот на државата.
„Македонските архитекти и архитектурата имаат длабоко наследство и оставштина која многумина ја почитуваат, како што е тоа на пример Меѓународната академија за архитектура, која истакнува дека ние имаме повеќе истакнати архитекти, но не само во дизајн или градба, туку и како професори. Тоа значи и школа, наш стил. И по нашата извонредност во градбата треба да бидеме препознатливи и во иднина, а секако не по урбанистичките ловци на профити, занемарувајќи ги човечките потреби, оставјаќи хаос и неодржливи градови или станбени блокови во кои секојдневието е барикадирано со архитектонски пречки“, рече Сиљановска-Давкова.
„Денешнава награда потврдува дека имаме блескави архитекти и архитектура, и токму тие треба да бидат пример како да се однесуваме понатаму. Да пронајдеме одговор за грешките, да ги примениме принципите на хуманизмот во архитектурата, да се вратиме на македонската мера, на нашиот златен пресек. Тоа значи и почитување на основните човекови права. Ако се потсетиме на Едгар Морено, ќе истакнеме дека и архитектите се втемелени и го креираат духот на времето, но не само како гола фраза или кич производ, туку како суштина во која е обмислена човечноста“, додаде претседателката.
Таа обраќањето го продолжи со други цитати:
„Да цитирам и еден од најпознатите говорници, Винстон Черчил, во својот чувен говор во британскиот Парламент рекол: „Прво ние ги обликуваме зданијата, а потоа тие нè обликуваат нас“. Јас, пак, би сакала да се навратам на еден архитект којшто го познавам, и кога врвам по „Орце Николов“ сакам да ја видам неговата куќа, зборовите на уважениот професор Борис Чипан: „Архитектурата е сè заедно. Познавање и живеење на животот. Магија на хуманистичката алхемија. Потрага по каменот на мудроста. Напор да се открие досега неоткриеното. Архитектурата се раѓа и се создава“, рече Сиљановска-Давкова.


