Мултимедијалниот проект „Копнеж по светлината“ ќе има презентација во МАНУ

Во Македонската академија на науки и уметностите – МАНУ на 5 октовмри, во 19 часот, ќе биде презентиран мултимедијалниот проект „Копнеж по светлината“ на авторите Боро Рудиќ и Ферид Мухиќ, а кој содржи изложба на фотографии, промоција на фотомонографија со текст на Ферид Мухиќ, како и аудиовизуелна снимка.

– „Копнеж по светлината“ претставува мултимедијален проект инспириран од универзалниот стремеж на човекот да излезе од темнината за да стаса до светлината, темнината на осаменоста да ја замени со светлината на пријателството, од мрачниот глиб на омразата да се вивне до светлите полиња на љубовта, црнилата на чемреење и безнадежноста да ги остави зад себе, воден од сонот за светлината на радоста и слободата.

Оти токму како што, според библискиот мотив, мрачните бездни на примордијалната Празнина станале Светот дури откако биднала Светлината: „Биди! И бидна светлината!“ – така и беспомошното слепо суштество станало Човек дури откако светлината на знаењето, доблеста и вербата блеснале во неговиот дух и ја осветлила неговата душа – стои во најавата на настанот.

Вечната одисеја поттикната од копежот по светлината, како најдлабок мотив на целата историја на човештвото и животот на секој човек, авторите Боро Рудиќ – мајстор на уметничка фотографија и академик Ферид Мухиќ, со артистички виртуoзитет ја сублимирале во оригинално уметничко дело, реализирано во симултана синергија на визуелни, поетски и музички медиуми, во текстуалниот дел презентирано билингвално, на македонски и на босански јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот