Мултимедијалниот перформанс „Триптих“ донесе фузија од три уметности на скверот „Јас и ти“
Пијанистката Дуња Иванова, кореографката Јована Зајкова и слем-поетот Горазд Китановски ги обединија современиот звук и танцовиот перформанс проникнат низ мислата на Горан Стефановски.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во четвртокот во скопската населба Дебар маало се одржа перформансот „Триптих“ во чест на драмскиот писател Горан Стефановски, во кој учесниците Дуња Иванова, Јована Зајкова и Горазд Китановски ги обединија современиот звук за пијано, танцот и поезијата низ мислата на Стефановски.
Тројцата уметници заедно создадоа едно ново естетско искуство, без никакви ограничувања и страв дека тоа треба на некаков начин да се разбере.
Иванова е магистер по пијано, доктор на науки по филозофија, професор и автор. Позната е по тоа што сака да излезе на јавни простори и да ги изнесе современите класични композитори пред случајните минувачи, за слушателите да излезат надвор од концептот и да не се подготвуваат за уметноста пред да ја восприемат. На репертоарот на „Триптих“, Иванова отсвире колаж од делата на Јан Тирсен, Макс Рихтер, бендот „Рејдиохед“, делата на Лудовико Еинауди и уште неколку припадници на постминимализмот.
– Творечкото битисување на Горан Стефановски, иако пред децении проникнато, денес сѐ уште и одново го огледува секојдневието. Музиката на постминимализмот претставуваше извесен контрапункт, пркос кон вечните дилеми како најмоќно оружје за менување на нештата – вели Иванова за „Културен печат“.

Зајкова е танчарка и кореографка од Скопје. Дипломира при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на катедрата за современ танц, a настапува на реномирани фестивали во Македонија и во странство. Својата експресија преку танцот сака да ја споделува со случајните минувачи, исто како што и Иванова прави со пијанистичките настапи.
– Драго ми е што имав прилика да бидам во ситуација во која не постои бариерата помеѓу изведувачот и публиката. Творештвото на Стефановски е живо, актуелно, игриво, безвременско, од луѓето и за луѓето и можноста да се сподели истото со публиката на толку интимно ниво беше навистина посебно искуство – ни изјави Зајкова.

Младиот луциден уметник Горазд Китановски – Кени е третиот член на овој перформанс. Освен автор и поет, тој е и национален победник во слем-поезија за 2021 година.
– Утопскопски, слободно, пријателски. Чудесна енергија има кога бината ја селиш на улица, со случајните минувачи, во случајов со Дебар Маало – ни изјави Кени по настанот. Проектот е дел од Годишната програма за култура на Министерството за култура на РС Македонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)


