Мултимедијална метафора за општество што пропаѓа

Самостојната изложба „Платно. Аугментативна реалност“ на Сандра Котевска е поставена во галеријата „Магаза“ во Битола. Изложбата е реализирана во мултимедијална форма, а соработници на проектот се Билјана Исијанин, Милан Петровски, Маријана Котевска, Александар Гулевски, НУ Завод и музеј – Битола. Фотографиите се на Симона Калица, додека проектот е поддржан од Министерство за култура на Северна Македонија.

Осврт кон проектот напиша Билјана Исијанин, која забележува дека „за разлика од виртуелната реалност што создава симулакруми, аугментативната реалност креира нови слоеви на реалност во физичкиот свет. На еден таков реален физички свет припаѓа и уметничкото дело што постои самото за себе со своја сопствена тема и свој живот“.

– Во овој настан Сандра Котевска ги вовлекува посетителите во еден интерактивен чин, без кој тој би бил само изложба на едно дело (акрил на платно со парчиња огледало) на кое се претставени нафрлани стари столици од некогаш заборавена институција, како метафора за општество што пропаѓа поради постојаната контрола што ни ја наметнуваат институциите и промовира контролирана уметност што не ѝ дозволува на индивидуата да се менува (а со тоа да се менува и општествената стварност).

Парчињата огледало што авторката ги аплицира врз насликаното платно ги рефлектираат нашите деформирани одрази кои го наметнуваат прашањето за тоа дали ќе продолжиме да живееме во свет во кој, според Бодријар, се соочуваме со една нова иднина без иднина. Но, авторката ни посочува излез – со аугментативната реалност ние сме вовлечени во искуството во кое од пасивни набљудувачи стануваме активни учесници, иако можеби не сме ни свесни дека на тој начин ризикуваме да станеме контролирани од алгоритми. Но, можеби таа контрола поради која во иднина, веројатно, сите ќе зависиме од роботи, ни отвора нов простор за размислување. Можеби тоа е итна потреба за сите нас, за да можеме конечно да разбереме дека уметноста само ја користи можноста да се изразува на нови начини – опишува Исијанин.

Сандра Котевска (1990) е родена во Битола. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Нејзиниот интерес се движи од сликарство, конзервација и реставрација до примена на нови медиуми.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 162, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот