Плакат за настанот „Отворено студио“ во Париз

Мултимедијална изложба на Марија Мицова Гацова ќе биде претставена во Париз

Мултимедијалниот проект „Дата база“ на Марија Мицова Гацова на 20 ноември ќе биде претставен во Меѓународниот резиденцијален центар (Cité internationale des Arts) во Париз. На настанот „Отворено студио“ во оваа престижна институција авторката ќе изложи инсталација од цртежи, принтови од мемориски предмети, инсталација во техниката papier mâché и видео кое го документира целиот процес на творење.

Преку користење на различни материјали и медиуми таа го претставува своето визуелно истражување на релацијата со предците и раслојувањето на напластената содржина на заробената меморија. Со оваа поставка авторката ги опросторува своите идеи, допирајќи до слоевитостите на својата лична и посредувана меморија.

– Во инсталацијата „Точки под Даб(от) на Конески“ пластичната маса за моделирање е добиена од неупотребена стара хартија и стари, несоодветно чувани книги. Секоја полусферна форма е замена за буква. Испишани се зборови од поезијата на македонскиот поет Блаже Конески, кои ги доживувам лично и експлицитно, не ги споделувам со публиката. Графичката црна линија прави поврзување, кодирање, можност за ново толкување на информациите од следната генерација.

Мемориските предмети претставени на принтовите се стари најмалку 150 години и се предаваат од генерација на генерација, а на нивната површина се гледа трагата од користење. Оваа изложба произлегува од моето истражувањето за комплексноста на меморијата, составена од генерациски наследни податоци, стекнати информации и нивната употреба во социјално-културен контекст – објаснува Марија Мицова Гацова.

Нејзиниот двомесечен резиденционален престој со изложба во Меѓународниот уметнички центар (Cité internationale des Arts) во Париз е поддржан од Министерството за култура преку годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година од областа на меѓународната дејност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот