Мултимедијален изложбен проект на Иванчо Талевски се поставува во Чифте амам

Изложба на дела од македонскиот уметник кој живее и работи во САД, Иванчо Талевски, со наслов „Пресек: Дама со девет камења“ се поставува во објектот Чифте амам при Националната галерија. На отворањето на мултимедијалниот изложбен проект, закажано за 8 јули 2022 (петок), во 20 часот, ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.

– „Пресек: Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење – посочуваат од Националната галерија.

Во центарот на проектот се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Иванчо Талевски со своите цртежи изработени со јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување на реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации.

Изработката на овие цртежи започнала како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, овозможувајќи откривање на неочекувани вкрстувања, создавање простор кој фигурира помеѓу нештата, каде што коегзистираат различности и различни елементи, идеи, идентитети и случувања.

На некој начин, цртежите претставуваат почувствувани ривербрации од околината. Самата процедура потсетува на хаику поезија, во која нема рима, а елементите постојат како фрагменти што ги нагласуваат времето и просторот. Овој процес на цртање резултира со колекција фрагменти кои се мобилизирани и активирани преку рефлективни и рефлексивни процеси, соработки, дијалози и генеративни хипотези. Цртежот како медиум овозможува непосредно и моментално бележење на соодносот на телото со тлото, помеѓу различни локации и јазици.

Паралелно со овој циклус негови цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков.

Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релацијата меѓу Битола и Филаделфија. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации со цел да евоцира прашања од политички состојби фокусирајќи се на теми како што се индивидуалната и колективната меморија, припаѓањето, носталгијата, историјата и границите, нивното постоење, опстојување или бришење. Содржините и темите во неговото творештво произлегуваат од личното животно искуство и честите патувaња меѓу Филаделфија и Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот