Балканската платформа за мир во Истанбул/Фото; МНР

Муцунски во Истанбул на првиот состанок на Балканската платформа за мир

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир.

Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.

Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.

Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.

Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.

Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.

На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот