Муцунски: Да се стави крај на билатеризацијата на европската интеграција
Според Муцунски, крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетски и национални прашања со кого било како држава.
Процесот на проширување да не се билатеризира, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и додаде дека е крајно време да престанеме да преговараме за идентитетски и национални прашања со кого било како држава.
Препорачано
Тој смета дека Европскиот парламент ќе ја продолжи традицијата на позитивни извештаи за напредокот врз основа на заслуги и критериуми и поддршката за што побрзо членство на Македонија во ЕУ.
Тој нагласи дека во Луксемберг на состанокот на министрите за надворешни работи, имал средба со еврокомесарката Марта Кос и со нејзиниот тим и дека е во постојана комуникација на дневна основа.
„Информирани сме како течат процесите и работиме на повеќе иницијативи коишто се насочени на откочување на нашиот евроинтеграциски процес. Нашите позиции се јасно втемелени во она што е наше очекување – да се стави крај на билатерализацијата на европската интеграција. Тоа штети на целиот регион и остава простор утре и другите земји од регионот да се соочуваат со исти предизвици. Нашата е цел полноправно членство во ЕУ, заедно со сите други земји од регионот“, рече Муцунски на заедничката прес-конференција со потпретседателот на Владата на Црна Гора и министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ.
Македонскиот шеф на дипломатијата сепак изрази загриженост поради немањето напредок во организирање средба со Бугарија. На прашањето што ќе се случи ако Македонија го пропушти евентуалниот рок за членство во ЕУ во 2030 година, Муцунски рече дека некое време се работи на организирање на заедничка средба, но без фидбек од бугарска страна. Тој објасни дека иницирал повеќепати средба меѓу него, министерот за транспорт Александар Николоски и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска со нивните колеги од бугарска страна за иднината на Коридорот 8.
„За жал, подолг период немаме позитивен одговор, но ќе продолжиме да работиме на остварување и на таа средба. Дијалог и комуникација постојано има. Доколку застане дијалогот од наша страна, тогаш ќе бидеме соучесници на закочување на европската интеграција на државата“, кажа шефот на дипломатијата.
„Што доколку утре се случат уставните измени и после шест месеци повторно сме во иста ситуација? Повторно ќе треба дијалог и преговори, но и повторно ќе биде закочен процесот на преговори“, истакна Муцунски.


