Муабет со Игор Анѓелков: Дојдете на „КинеНова“, ќе биде забавно!

Му се радуваме на филмскиот фестивал „КинеНова“, кој почнува на 4-ти октомври, в петок вечер, а ќе трае до 13-ти октомвр.

Годинава „КинеНова“ од МКЦ се префрла во прекрасната кино-сала на „Кинотеката“, каде вистинските филмофили ќе можат да проследат одлична фестивалска програма. Според организаторите на Фестивалот, годинава „КинеНова“ може да се гордее со исклучителната, квалитетна програма.

-„КинеНова“ е млад фестивал кој со право го бара своето место под сонцето, и од година в година се бориме за секој гледач. Насочени сме кон младата публика, која ја повикуваме да се оттргне од својата конфорна зона пред компјутерите, мобилните, лап-топовите и да дојде да ја истражи одличната понуда на „КинеНова“. Секако, ги повикуваме и филмофилите од средната и постарата генерација во интимната кино-сала на „Кинотеката“ да ни се придружат во славењето на седмата уметност, која отсекогаш била будното око кое ги следи настаните и гласно ги коментира, секогаш стремејќи кон промени на подобро, – вака го започнуваме нашиот разговор со Игор Анѓелков, програмски директор на „КинеНова“.

Кои беа најголемите предизвици, ама и потешкотии, како програмски селектор на „КинеNова“?

-Па секако, да се изберат најдобрите дебитантски филмови, оние кои носат нешто ново во себе, досега можеби невидено на големото платно, сензибилитет во кој се препознава авторскиот талент кој, понатаму, ќе води до нови филмови и успеси. Тоа е една од задачите на селекторот – да насети, препознае, да даде шанса. Всушност, и „КинеНова“ е конципирана на тој начин, да ги поддржи дебитантите кои претставуваат иднина на светското кино. Доволен доказ за тоа е што првите фестивалски победници пред четири години, бугарскиот авторски тандем Кристина Грозева и Петар Валчанов со филмот „Слава“, веќе со својот трет филм годинава ја освоија главната награда на престижниот фестивал во Карлови вари, и сосема заслужено ја добија честа да го отворат годинeшното, четврто издание, на нашиот фестивал со генијалното остварување „Таткото“.

Кои се новостите на годинешниот филмски фестивал?

-Годинава „КинеНова“ од МКЦ се префрла во прекрасната кино сала на Кинотеката, каде вистинските филмофили ќе можат да проследат одлична фестивалска програма. Нескромно велиме дека оваа година „КинеНова“ навистина се издвојува од останатите фестивали со квалитетна програма сместена во неколку селекции, кои содржат наградувани филмови на светските фестивали во изминатата и оваа календарска година. Имаме специјална проекција на минатогодишниот победник во категоријата документарен филм во Карлови вари, филмот „Путиновите сведоци“ на Витали Мански, кој ќе биде и претседател на годинашното жири. Европскиот парламент и нивната награда „Лукс“ за првпат ќе се претстават во Македонија со избор од петте најдобри европски остварувања, а со фокусот кон унгарската кинематографија фрламе поглед врз една од најпотентните европски кинематографии во последнава деценија, заедно со онаа романската. Да не ги заборавиме и кратките филмови, кои секогаш се возбудливи за гледање и промислување.

Знаеме дека многу е тешко да се изберат топ пет филмови кои мора да ги погледнеме, но, сепак, ајде да издвоиме?

-Да, тешко е да се фаворизираат одредени наслови, но еве: „Човекот кој ги изненади сите“ е филм во вистинска традиција на новото руско кино, „Сожалување“ е еден од оние филмови од новиот, таканаречен, „чуден бран“ на грчката кинематографија, бугарскиот филм „Прасето“ е mind blowing, „Сократес“ е реален поглед за животот во бразилските фавели, додека документарецот „Љубовен автомобил“ нè носи на северот од Германија, каде крај патот се случуваат разни „слатки“ нешта. Топ 5!

На прес конференцијата најавивте дека имате „храбри филмови кои одлучно доаѓаат до сржта на проблемите“. Но, дали тие филмови ја допираат и македонската срж на проблеми, и како?

-Српскиот филм „Шевови“ на Мирослав Терзиќ предизвика бура од реакции во јавноста и медиумите по неговата премиера, отворајќи го прашањето за „загубените деца“ по нивното раѓање, уште од времето на екс-ЈУ, а особено денес во Србија. Универзалноста на филмските теми е оној додатен квалитет кај нив кој веднаш се препознава и претставува предност пред филмовите кои третираат нешто локално и само ним препознатливо. Во поголемиот дел од филмовите на фестивалот можен е моментот на идентификација на домашната публика со филмските приказни на платното, тој толку посакуван спој кој потоа предизвикува дискусии и различни светогледи. Јас и понатаму искрено верувам во моќта на подвижните слики!

„Тања Бошковиќ е одлично надоврзување на лауреатите од претходните фестивалски изданија – Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ и Аница Добра“

Да ни откриете нешто повеќе за ѕвездата – гостин од поранешните југословенски простори?

-Годинашна добитничка на традиционалната награда за особен придонес во филмската уметност е српската актерска дива Тања Бошковиќ, која ја паметиме по безброј улоги во поранешната југословенска кинематографија. Таа претставува одлично надоврзување на лауреатите од претходните фестивалски изданија – Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ и Аница Добра, исто така, актерски големини на своите генерации. Врските и сеќавањата на нашата кинематографија во однос на заеденичката во поранешната држава сè уште се свежи и живи, и токму затоа оваа традиција на „КинеНова“ продолжува и понатаму.

Како еден од најистакните филмски критичари, би можеле ли, накусо, да ни кажете во што е магијата на македонското остварување „Медена Земја“?

-Документарниот филм на Стефанов, Котеска, Георгиев, Даут и Љума е вистински бисер во нашата кинематографија на кој треба да му изградиме споменик. До крајната цел е дојдено со многу храброст, љубов, знаење и посветеност, и тоа се препознава на платното – од одбирањето на автентична приказна, која одлично кореспондира со актуелниот еко-момент во светот, преку одличната реализација од преку 400 часови снимен материјал во период од три-четири години, до негова правилна фестивалска дистрибуција. И на крајот, резултатот беше неизбежен. „Медена земја“ го прикажуваме и на „КинеНова“ в недела од 20 часот, по што следат „прашања и одговори“ со авторите, а следниот ден во 14 часот и работилница каде присутните ќе имаат можност да „сркнат“ од нивниот „таен филмски мед“. Дојдете на „КинеНова“, ќе биде забавно!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот