Може ли културната размена да биде лек против некултурната политика?

Може ли со зголемена размена на култура, филмови, романи или претстави, и со зголемено медиумско присуство, да се подобрат односите помеѓу Македонија и Бугарија и има ли интерес за такви содржини?

Деновиве директорот на бугарската национална телевизија Емил Илиев Кошлуков напиша дека БНТ ќе разменува програми со МРТВ, што беше поздравено од бугарскиот професор Ивајло Дичев како обид на телевизиската дипломатија „да се заложиме за она што нè обединува“. Пред десетина дена, пак, специјалниот претставник на македонската влада во Бугарија, Владо Бучковски, на средба со бугарски истакнати културни дејци во македонскиот КИЦ во Софија зборувал за потребата да се збогатат културно-уметничките односи меѓу двете држави.

Ацески: Помирување само од политичарите

Според социологот Илија Ацевски, никакви телевизиски програми, ниту културна размена нема да ги зближи народите повеќе ако Бугарија не ја промени својата официјална политика кон нас. Интересот на Македонците, вели, кон бугарски културни или медиумски содржини бил и ќе остане мал сè додека официјална Софија го негира македонскиот идентитет, јазик и историја.

– Едно време се носеа бугарски весници во Македонија, во раните деведесетти години и никој не ги купуваше. И сега нема театарски претстави, не читаме бугарски автори, ниту гледаме бугарски серии. Ова чувство што ни го предизвикуваат не го дозволува тоа, јас искрено сега не би гледал бугарска серија и мојот став кон Бугарија е понегативен од порано. Бугарија нам ни нанесува длабоки удари како на луѓе. Кога нивниот Парламент усвојува документи со кои нѐ негираат, кога го читам ставот на нивната БАН, што да мислам? Затоа сметам дека културата нема да ги зближи и да ги помири народите, туку исклучиво политичарите. Во Македонија ние многу гледаме српска телевизиска програма и тоа не ни пречи, веројатно нема да ни пречи ниту бугарската програма и култура ако не беше бугарската политика – вели професорот Ацески за „Слободен печат“. 

Тој потенцира дека меѓу двете земји има длабоко всадена дистанца, која сега само се продлабочила.

– Бугарија е самата виновна. Хипотетички, ако бевме со Бугарија како што бевме со Србија, и Бугарија да се однесуваше со нас исто како Србија, а и Србија нѐ потценуваше обраќајќи ни се со „Македонче“, бугарското влијание сега ќе беше петпати поголемо од српското и ќе се чувствувавме многу поблиски со нив отколку сега со Србите. А и реално, како народи со Бугарите сме поблиски по традиција и јазикот ни е посличен. Но, низ времето имаше поголема комуникација помеѓу Македонија и Грција, отколку со Бугарија. Историски, само во времето на бугарскиот претседател Георги Димитров, по Втората светска воја, имаше нормализација и комуникација, тој дозволи попис на кој се пребројуваа Македонци, учители итн., ама после него настана долготраен прекин на комуникацијата. Ние со Бугарите комунициравме кога одиме таму на одмор и тоа е сè. Да зборуваме реално, ние имавме кон нив некој чуден цинизам, факт е дека живеевме многу подобро, а тие кон нас имаа некаква пизма. По социјализмот државите економски се изедначија, па Бугарија не надмина. Сега ние чувствуваме отпор кон нив поради нивните бесмислени барања – вели Ацески. 

МРТВ ќе отвори дописништво во Софија

Директорот на Националната телевизија Марјан Цветковски вели дека деновиве одржале средба со колегите од БНТ, на која ја продолжиле редовната соработка. Не се договарале за заедничка продукција, ниту за размена на програма, туку за отворање дописништва во двете метрополи.

– Ова беше средба за продолжување на соработката во рамките на редовните соработки со јавните сервиси и со ЕБУ и нема врска со актуелните политички случувања. Договоривме да потпишеме нов меморандум за соработка, затоа што претходниот ни е истечен. Планирана е соработка на дневно информативна основа, во смисла на размена на информации, снимки од актуелни дневни случувања, а потоа и отворање на дописништво. Ќе испратиме наш новинар во Софија, а тие ќе испратат нивен во Скопје. Нема да испраќаме сниматели, туку дописниците ќе ги користат ресурсите на националните телевизии. Значи исто се тера како што било и претходно – вели Цветковски за „Слободен печат“.

Минатиот месец директорот на БНТ Кошлуков на Фејсбук напиша дека со писмо ќе им понуди соработка на колегите во Скопје, затоа што верува дека нивната улога е да придонесат за разбирање преку заеднички продукции, заеднички преноси и врски.

„Омразата може да престане само ако се запознаеме подобро“, напиша тој.

Кошлуков напиша дека од средбата со колегите од македонскиот јавен сервис очекува да се разменат програми, филмови и да се договорат заеднички продукции. Професорот Дичев, пак, во најновата колумна предложи во Бугарија да се гледа серијата „Преспав“, а во Македонија „Прикриено“, затоа што „живата современа култура е патот кон зближување со нашите соседи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот