Мотоциклизам: Трките на островот Ман сезонава однесоа три жртви

EPA-EFE/Tim Keeton

Дејви Морган, мотоциклист од Северна Ирска, е последната жртва на оваа брзинска трка, а загина минатиот понеделник. Тој беше третата жртва во пет дена

Озлогласената мотоциклистичка трка „Ајл оф Ман ТТ“ на островот Ман (лоциран во близина на Велика Британија) минатата недела однесе уште три животи и со тоа повторно по којзнае кој пат предизвика критики.

Дејви Морган, мотоциклист од Северна Ирска, е последната жртва на оваа брзинска трка, а загина минатиот понеделник. Тој беше третата жртва во пет дена. Велшанецот Марк Пурслоу загина три дена пред Морган, возејќи на тренинг. Еден ден по него загина Французинот Оливје Лаворел.

Ова натпреварување всушност е серија од трки, а сезонава повторно почна да се одржува по двегодишна пауза поради пандемијата. Морничавата традиција да се случуваат несреќи со фатални последици не ја заобиколи ни оваа година.

Последната жртва, Морган, паднал од моторот во третата и последна обиколка на патеката. Тој си одбележувал две децении натпреварување на оваа трка.

– Со тешко срце ја потврдуваме загубата на Дејви Морган по инцидентот на последниот круг од првата трка „Суперспорт“ во оваа година – изјави организаторот.

Трките на овој остров се одржуваат во неколку категории во период од неколку дена и сезонава треба да завршат на 10 јуни.

Ова не е најлошиот годишен „данок во жртви“ на овој остров. Во 2005 година имаше дури девет несреќи со смртни последици. Мотоциклистичките трки на овој остров се одржуваат од 1907 година. Вкупно загинале 263 мотоциклисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот