МОН чека амин од Финансии за да се вратат професорите во МИГ

Математичко - информатичка гимназија - Скопје/Лого

Стручните професори од Математичко – информатичката гимназија ќе се вратат на настава, а учениците ќе ги надоместат загубените часови, оптимист е министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој очекува уште денес или утре Министерството за финансии да даде согласност за продолжување на договорите на дело на професорите, кои истекоа на 31 декември.

-Денес се испратени последни дописи до Министерството за финансии. Има нови правила на Законот на извршување на буџет и по нив е постапено. Со Законот има промена на постапките помеѓу институциите и тоа ќе се решава денеска или утре. Очекувам позитивно мислење од Финансии, рече министерот Шаќири.

Бидејќи се работи за релативно нова гимназија која функционира само три години, МОН ќе направи напори ангажираните професори по стручните предмети од математика и информатика во наредниот период да добијат и решенија на неопроделено време.

-До Министерството за финансии кажав дека ќе обезбедиме целосно средства од наша страна ако е потребно да се продолжат договорите на тие вработени. Ако може во текот на годината да обезбедиме и да не бидат на определено,  туку на неопределено време. Но тоа е нова гимназија, тука е и работното искуство, додаде министерот за образование и наука.

Часовите кои веќе втора недела од второто полугодие ги губат средношколците од МИГ, ќе се надоместат, верува во министерот кој денеска имал координација со директорката на Гимназијата.

-Ако се осум стручни професори и ако е само една недела по два часа што не држеле настава, ќе се надомести во периодот кога ќе добијат согласност. Според моите информации, и претходната учебна година, кога второто полугодие почна на 1 февруари, исто така договорите на тие вработени беа продолжени од 15 февруари. Истата ситуација беше и лани, но иако немале договори, ја продолжиле наставата, рече Шаќири.

За проблемот со наставата во МИГ реагираа средношколците и нивните родители, откако останаа без професорите по стручните предмети кој единствено се изучуваат во ова средно училиште кое ги собра на едно место талентираните ученици од целата држава по математика и информатика.

Денеска и Сојузот на средношколци упати со апел за брзо решавање на проблемот со наставата во МИГ бидејќи „апсурдно е учениците од оваа гимназија да имаат по само еден до два часа дневно”.

-Недозволиво е поради неможноста МОН и Министерството за финансии да најдат заедничко решение учениците да немаат настава за осум стручни предмети во МИГ. Со жалење ја констатираме состојбата во гимназијата која беше замислена како елитна образовна институција за учениците талентирани по математика и информатика, реагираше Сојузот на средношколци.

Од друга страна учениците од МИГ се сериозно загрижени зошто веќе им се најавени до крајот на месецот тестови по предметите и покрај тоа што немаат одржано ниту еден час во второто полугодие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот