Средношколците од МИГ губат часови, второто полугодие го почнаа без стручен кадар по математика и информатика

Математичко - информатичка гимназија - Скопје/Лого

Откако минатиот понеделник официјално стратуваше второто полугодие на учебната 2022/23 година, средношколците од Математичко-информатичката гимназија до Скопје губат половина од часовите бидејќи на професорите по пет стручни предмети им истекоа договорите за вработување. Гимназијата ова полугодина стартуваше без стручен кадар, а учениците со преполовен фонд на часови со што се губи смислата на постоење на стручната гимназија да ги едуцира талентираните ученици по математика, информатика и физика од целата држава, на едно место. Во МИГ во две паралелки наставата се одвива на македонски наставен јазик, а во една на албански наставен јазик.

Гимназијата во август минатата година објави јавен оглас за вработување на истакнати стручни лица на определено време за учебната 2022/23 година на македонски и албански наставен јазик за предметите: Алгебра, Геометрија, Функции и реални броеви, Програмирање и Информатика и тие беа избрани, но нивните договори истекоа на 31.12.2022 и не се продолжени и во второто полугодие.

Родителите на овие ученици од прва година реагираат на губењето на часовите, шести ден од почетокот на второто полугодие, а директорката на училиштето д-р Јулијана Гајдаџиева не информираше дека проблемот не е во училиштето.

-Како директор и од страна на МОН, се е преземено навреме. Согласно Законот за ангажирање на професорите со договор на дело потребна е и согласност од Министерството за финансии, и таа се уште ја немаме добиено, вели д-р Гајдаџиева за „Слободен печат“.

Таа е во постојан контакт со МОН и досега нема добиено никакво писмено известување како да се реши проблемот со професорите кои им ги предаваат клучните стручни предмети на овие ученици.

Од МОН како одговор на неколкуте прашања од Слободен печат, кратко одговорија дека заедно со Министерството за финансии работат на решавање на проблемот.

-МОН во координација со Министерството за финансии работат во насока на продолжување на согласностите за ангажирање на потребниот наставен кадар во Математичко – информатичката гимназија и очекуваме во најскоро време предизвикот да биде надминат, а наставата по сите предмети непречено да продолжи, соопшти МОН.

Денеска во Математичко-информатичката гимназија закажани се родителски средби на кои родителите очекуваат одговори, но и решение на проблемот кој се појави во Гимназијата од која се засегнати учениците и нормалниот тек на наставата. Како ќе се надоместат загубените часови од наставата по стручните предмети е умешност на училиштето и професорите, а на сметка на учениците кои ќе мора набрзина да го совладаат натрупаниот материјал од најмалку 2 седмици.

Инаку, Министерството за финансии дава известување дали институцијата има обезбедено финансиски средства за одредено работно место, односно еден вид на согласност за сите вработувања во државните институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот