Молк од Град Скопје и од ЕСМ: Ништо не се работи ни на мостот „Беласица“, ни под него, а никој не кажува зошто

мост Беласица/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Помина есента, зимата, цела грејна сезона, а новите цевки и понатаму лежат покрај мостот, додека од ЕСМ, од каде што постојано тврдеа дека станува збор за сложена активност, сега не одговараат што е проблемот и зошто сѐ уште не се монтирани топловодните цевки.

Што се случува со мостот „Беласица“, зошто сѐ уште не се пушта целосно во сообраќај и зошто и по осум месеци откако од него се извадија опожарените топловодни цевки не се монтираат новите, се прашања за кои скопјани би сакале да добијат објаснување, особено оние што патот секојдневно ги води токму преку овој мост.

Од Град Скопје и од ЕСМ со месеци трае молкот околу тоа што е проблемот што таму ништо не се работи, па граѓаните со право се загрижени.

Секојдневно на мостот, во двете ленти по кои се вози е невидена гужва во сообраќајните „шпицеви“, мостот е максимално товарен. Никаде ги нема да кажат зошто не се пушти во целост сообраќајот. Нели беше поради безбедноста на работниците? А работници нема. Зошто ништо не се работи и не се монтираат цевките? И навистина ли е безбеден мостот? Мора да има некаков проблем, ама ако има не смеат да си играат со безбедноста на граѓаните. Или нека го затворат или нека го пуштат ако е сѐ во ред – реагираше Зоран П. во редакцијата на „Слободен печат“.

Голготата со „Беласица“ трае од мај минатата година кога мостот беше опожарен. Потоа со месеци објектот беше затворен за сообраќај, се правеа анализи дали пожарот влијаел на неговата стабилност, дали предизвикал сериозни оштетувања. Потоа, на почетокот на септември мостот беше делумно отворен за сообраќај. Објаснувањето на градоначалничката Данела Арсовска беше дека ќе се вози по две ленти, а двете средишни ќе се пуштат во сообраќај откако ЕСМ ќе заврши со монтирањето на новите цевки. Како што рече, ова се правело заради безбедноста на работниците што работеле под мостот.

мост Беласица/слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

И тогаш, а и сега остана нејасно како може мостот да е безбеден да се вози по две негови ленти, а не е безбеден за работниците што работат под него. Од што стравуваат надлежните, одговор досега не добивме, но мостот и по речиси цела година од опожарувањето, сè уште е половично во употреба.

Во меѓувреме, екипи од ЕСМ ги размонтираа опожарените цевки и најавија дека ќе монтираат нови. Помина есента, зимата, цела грејна сезона, а новите цевки и понатаму лежат покрај мостот, додека од компанијата постојано одговараа едно исто – дека станува збор за сложена активност.

Во текот на изминатиот период, ЕСМ Дистрибуција активно работи на санација на цевководот кај мостот Беласица. Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите – одговорија од ЕСМ во јануари.

„Козметичката“ санација на „Беласица“ стана проблем – ниту мостот се санира, ниту цевките се монтираат

Сега оттаму нема никакво објаснување зошто сѐ уште не се монтирани топловодните цевки и дали има некаков проблем поради кој со месеци ништо не се работи. Избраа да молчат пред граѓаните.

И градоначалничката Арсовска со месеци тврди дека мостот е безбеден. Но, иако тој делумно беше пуштен во сообраќај во септември, дури на крајот на декември Град Скопје реши да ја тестира неговата издржливост со оптоварување од над 200 тона.

 Со анализа е утврдено дека мостот е во одлична состојба и е сигурен и безбеден за сообраќај и за движење на граѓаните. Дополнително беше извршена прва фаза на пробно товарење, а во моментов се чека завршување на поставувањето на цевководот за топлинска енергија по што мостот ќе биде пуштен во целосна употреба – тврдеа од Градот по тестирањето.

ЕСМ сѐ уште не ја започна санацијата на мостот „Беласица“, се работело за комплексна активност

На средината од април нема промена на состојбата, освен што неофицијално дознаваме дека наскоро повторно ќе се врши товарење на мостот со шест камиони, како и во декември.

Од Градот ниту го потврдуваат ниту го негираат ова. Оттаму не одговараат на прашањата зошто повторно се врши товарење кога по првото, како што се пофалија, се утврдило дека мостот не само што е безбеден туку е во „одлична состојба“. Молчат и за тоа дали се планира некогаш (и кога) мостот целосно да се пушти во сообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот