„Козметичката“ санација на „Беласица“ стана проблем – ниту мостот се санира, ниту цевките се монтираат

Мост „Беласица“/ Фото: Драган Митрески

За две недели скопјани ќе имаат парно греење, без оглед дали дотогаш ЕСМ ќе ги постави топловодните цевки на мостот „Беласица“ или не. Редовното снабдувањето не зависи од цевките, но од нивното монтирање и ставање во функција зависи колку граѓаните ќе плаќаат за парно во претстојната грејна сезона.

Како што објасни деновиве претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски, двете топлани имаат капацитет да ги задоволат потребите на граѓаните, но нивната цена е трипати повисока отколку на ТЕ-ТО, кој не може да биде ставен во функција доколку не се постави топловодниот систем на мостот. Но, за да се постават цевките, најпрво треба да се санира долниот дел на мостот, односно подлогата што е оштетена од горењето на заштитниот слој на топловодот. Проблемот е сега чија е обврската за санацијата, затоа што градоначалничката Данела Арсовска тврди дека е на ЕСМ, дека така е договорено со компанијата, а од ЕСМ такво нешто не споменаа. Од компанијата единствено соопштија дека ги завршиле подготвителните активности за поставување и дека новите цевки веќе се однесени под мостот и чекаат дозвола од Градот да се монтираат. Што подразбираат тие подготвителни работи, оттаму не прецизираа.

„АД ЕСМ е подготвен, по добиена дозвола од Градот Скопје, да ги постави новите топловодни цевки на мостот „Беласица“ и ќе вложи максимални напори нивната монтажа да се заврши во најкраток можен рок. Опожарувањето на мостот не е причина за одложување на почетокот на следната грејна сезона, која почнува во октомври 2023, и сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија“, тврдат од ЕСМ.

Но, Град Скопје нема да даде дозвола за монтирање додека претходно не се направи потребната санација. Градоначалничката неодамна посочи дека Град Скопје нема никакво влијание, ниту е надлежен да им наложи на ЕСМ во кој рок треба да ја завршат санацијата и да ги монтираат цевките, но дека е во нивен интерес тоа да го направат пред почетокот на грејната сезона.

– Ние не можеме да правиме нешто што не е наша обврска и надлежност. Дури и ние да треба да го санираме, ќе треба ново буџетирање, одлука на Совет и ќе трае долго и од тие причини ЕСМ ја презеде обврската за санација – децидна е Арсовска.

Од изјавата на Арсовска околу санацијата, па до денеска, од ЕСМ молчат. Нема одговор на прашањата кога ќе почне санацијата на мостот, за потоа да се постават цевките. Повеќе од сигурно е дека тоа нема да се случи пред почетокот на грејната сезона затоа што, според Бислимоски, само монтирањето би траело неколку недели.

Мост „Беласица“/Фото: Драган Митрески

Во меѓувреме, од почетокот на септември мостот „Беласица“ е делумно во употреба односно во сообраќај се пуштени двете крајни ленти, а за целосно да биде пуштен во употреба, значи за да може да се вози и по средишните ленти, најпрво треба да заврши санацијата на подлогата и монтирањето на цевките. Арсовска тврди дека делумното пуштање на мостот е поради безбедноста на работниците што треба да го постават топловодот.

И додека активностите околу мостот бескрајно бавно се одвиваат, секојдневно преку него се создава голем сообраќаен метеж затоа што претставува многу фреквентна сообраќајница со која Аеродром се поврзува со Гази Баба.

Скопјани, пак, чии домови се загреваат со топлинска енергија, се загрижени и очекуваат разумност од институциите и конечно решавање на проблемот со топловодот под „Беласица“ за нивните семејни буџети да не доживеат уште еден ценовен шок, овој пат преку сметките за парно греење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот