МОЕ ЛЕТО | Таравари: Коста Петров ме спречи да одам на Малдивите
Фудбалот и кошарката му биле опсесија за време на летото, како и кажувањето на вицеви, се присетува Арбен Таравари, поранешниот министер за здравство и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците.
Првите летувања, како дете, Таравари, ги памети поминати со големото семејство во Струга и Охрид. Тој за „Мое лето“ на „Слободен печат “ раскажува за убавите моменти поминати низ Македонија како дете.
Препорачано
– Посебно ми недостасува спортско рекреативниот центар „Бунец“ кој се наоѓаше на Маврово. Тоа беа три големи згради со капацитет за околу 700 деца, основци од цела Македонија. Во една соба спиевме по 10-12 деца на двоспратни кревети, беше многу забавно. Секое лето, јас и мојата помала сестра поминувавме по десет дена таму. Се сеќавам се стануваше во седум натро со Бајага и песната „Са друге стране јастука“. Вежбавме, пешачевме, имаше турнири во различни спортски дисциплини, а во вечерните часови забава – раскажува Таравари.
Денес кога поминува оттаму, како што вели, жали што се дозволило таков комплекс да пропадне.
– Имам многу убави спомени од ова место, денес кога ќе поминам од таму се чудам како дозволивме да го уништиме, толку прекрасно место и за денешните генерации можеше да се адаптира. Само ние можеме да дозволиме да пропадне нешто такво – вели Таравари.
Тој со посебни емоции зборува за првиот одмор кој го поминал сам како тинејџер на Истра, поточно во гратчето Пореч.
-Татко ми имаше еден пријател од Гостивар, кој во лето работеше во Пореч, на Истра. Кога бев осмоодделенец, тој му кажа на татко ми дека би било одлично јас да одам таму за време на летото, да работам во ресторанот и воедно да уживам. На некој начин тоа е моето прво работно искуство, на 14 години. Тоа се повторуваше неколку години, бидејќи навистина ми беше многу убаво таму. Работев, добивав хонорар, а останатиот дел од времето уживав во убавините на Пореч – вели Таравари.

Кога бил на функција, го пропуштил патувањето на Малдиви со семејството, кое му било однапред уплатено.
– Сопругата порано резервирала за поевтино патување за Малдивите за целото семејство. Јас не знаев дека ќе се формира влада во која јас ќе бидам министер за здравство. Требаше да одиме на одмор во јули. Јас на први јули станав министер и тогаш му кажав на мојот пиар Коста Петров дека од јануари имам резервирано за одмор. И тој ми рече: „Никако, ќе погрешиш, ќе мора транспарентно да кажеш каде ќе патуваш, одма ќе ти префрлат дека патуваш со државни пари“. Моите тогаш заминаа без мене на одмор на Малдивите – вели Таравари.
Погледнете ја новата епизода на „Мое лето“ со Арбен Таравари, на јутјуб-каналот на „Слободне печат“. Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.
МОЕ ЛЕТО | Јаневска: Како девојка, еднаш потпетиците ми заглавија во жешкиот асфалт во Скопје


