Мобилниот пред себе, луѓето подалеку!

Денес технологијата контролира сѐ. Интернетот одамна го има во секој дом, а лесно е достапен и надвор од него. Но, како овој нов начин на живот се одразува на луѓето?

Секоја генерација има свои доблести и маани, секоја генерација вели дека во нејзино време било најдобро. Сепак, да бидеме реални, не минатото, туку сегашноста би требала да биде во сѐ подобра, затоа што, нели, луѓе сме и учиме од грешките за да не ги повториме, ги собираме искуствата од оние пред нас и конечно, живееме во време на развиена технологија која ни го прави секојдневниот живот поедноставен. Но, дали е тоа баш така?

Денес технологијата контролира сѐ. Интернетот одамна го има во секој дом, а лесно е достапен и надвор од него. Но, како овој нов начин на живот се одразува на луѓето?

Ќе почнеме од почеток. Од нашето најголемо богатство, децата. „Новите“ родители преку интернетот имаат пристап до цели датабази од информации за тоа што е добро за нивните деца, што е лошо, совети од други мајки итн. Е сега, колку е тоа добро, толку е и лошо. Родителите стануваат зависни од онлајн советите, мислат дека сѐ што ќе прочитаат на интернет е вистинито, а со тоа прават поголема штета. Додека родителите гледаат на интернет и по социјалните мрежи што е најдобро за нивните чеда, децата се оставени пред најдобрата „дадилка“ во новото време – телевизорот или компјутерот.

Новите генерации толку време поминуваат со оваа „дадилка“ што стануваат социјално изолирани. Уште од мали нозе подобро зборуваат англиски, отколку мајчин јазик. И така, на пример, додека родителите читаат на интернет за различни причини кои предизвикуваат аутизам, нивното дете веќе станало „социјален аутист“, оставено со часови и часови пред компјутерот.

Живееме во време кога преку интернетот сме поврзани со целиот свет, а интеракцијата е сведена на минимум. Тоа го гледаме каде и да се завртиме – мобилниот телефон станува незаменлив во нашиот живот, тој ни дава сѐ што ни треба. Преку екранчето од неколку инчи го следиме секој чекор на нашите најблиски, но ретко ни паѓа на ум да им се јавиме. Но не само нивниот живот, го следиме животот и на еден куп познаници и странци, како и тие нашиот. Тоа е како едно целосно ново општество. Виртуелно. Паралелен свет во кој го изложуваме нашиот живот и бараме општествена прифатеност преку „лајкови“.

Сѐ почесто можеме да забележиме групи на луѓе како седат во кафуле и секој од нив е задлабочен во својот мобилен телефон. Притоа, мора да се сликне и кафето, храната, да се означи локацијата… Како викаат, ако не си објавил на Фесјбук и Инстаграм каде си бил, исто како да не си бил.

Сето тоа повлекува цела низа други опасности со себе, од лажни профили, до сајбер криминал. Сепак, факт е дека технологијата има и многу предности, а кога веќе животот е толку краток, зошто да не е и што е  можно покомфорен, тоа не е лошо. Но лошо е кога овозможениот комфор ќе не направи неспособни, кога зависноста од технологијата ќе не претвори во осамени, некомуникативни и асоцијални единки. Со мобилниот пред себе и со луѓето далеку од себе.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот