МНТ реагира на наводите на Стојна Костовска дека театарот не ѝ помогнал на Катерина Крстева

Катерина Крстева и Стојна Костовска / Фото: Фејсбук/Стојна Костовска

Македонскиот народен театар (МНТ) излезе со реакција во врска со „невистинитите наводи и реакции кои се јавија последниве денови за починатата актерка Катерина Крстева, а се поттикнати од пензионираната актерка Стојна Костовска“.

„Благодарение на актерката Весна Петрушевска, Македонскиот народен театар беше информиран за влошената здравствена состојба на актерката Катерина Крстева. Матичната куќа веднаш стапи во контакт со семејството и ги презема сите чекори во однос на подобрување на нејзината состојба во здравствените институции, со постојан контакт со здравствените работници и во координација со семејството. За целиот овој период Кате беше опкружена со грижа од нејзината сестра г-ѓа Јелиќ и најблиските роднини.

За жал, нашата Кате не ја доби битката за живот.

Желба на семејството беше последното испраќање да биде во кругот на семејството. Во јавноста беше изнесено дека Стојна Костовска била во постојан контакт со Катерина Крстева во последниот период. Семејството тврди дека првиот контакт и запознавање со Костовска се случил на погребот.

Македонскиот народен театар во договор со г-ѓа Јелиќ – сестрата на Катерина Крстева, ја организира отворената комеморација која ќе се случи на 12 јануари (четврток) во 12.00 часот во МНТ.

Овие изминати три дена, за жал ниту еден медиум не се јави во МНТ да ја слушне и другата страна, со што ја објавуваме реакцијата во координација и одобрување на г-ѓа Јелиќ.

Матичната куќа и семејството на починатата актерка Катерина Крстева ја замолува јавноста да не изнесува понатамошни невистини и да ја оставиме нашата Кате да почива во мир“, велат од МНТ.

Имено, ова соопштение е реакција на изјавата која актерката Костовска ја даде за медиумот „ММС“.

„Денес на погреб видов дека немаше ниеден колега. Многу мразам лицемерни луѓе и затоа сакам да порачам на МНТ да не прават драма, да не организираат никаква комеморација, бидејќи матичната куќа не ѝ се најде тогаш кога најмногу ѝ требаше. Мене Кате ми рече – „Ако починам немој случајно да ме зборнат во театар, никако. Јас само еднаш побарав помош и не ми се најдоа. Мене во театар никој не ме познава, како воопшто да не сум била дел од таа куќа. А не е Кате единствената која е разочарана од односот на театарот кон своите легенди. Кате ја погреба сестра ѝ од Белград со семејството. А од МНТ? Од МНТ дојде само едно момче, кое донесе една мизерна икебана. Момчето што дојде го прашав во кое својство е. Ми рече дека е асистент на декоратер?! Замисли, и таква професија имало. Но, што е виновно детето. И тоа во земја пропадна од срам, дојде со велосипед?! А знаеш ли што сѐ има МНТ? Срамота“, изјави Костовска.

Трагичната судбина на Катерина Крстева: Синот го роди на 49 години, тој почина четири месеци пред неа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот