Бритни Спирс му се извини на Џастин Тимберлејк: Многу ми е жал за некои работи што ги напишав во мојата книга

Фото: Chris DELMAS / AFP / Profimedia

Американската пејачка Бритни Спирс (42) му се извини на нејзиниот поранешен партнер Џастин Тимберлејк (42) за работите кои ги изнесе во нејзините мемоари „Жената во мене“ („The Woman In Me“), пренесе „Дејли мејл“.

Поп ѕвездите беа во романтична врска од 1999 до 2002, но медиумската „прашина“ околу нивниот однос особено се дигна минатата година, кога Спирс ја објави нејзината биографска книга.

Спирс напиша дека Тимберлејк ја натерал да абортира кога останала бремена и дека направил да изгледа како „курва што му го скршила срцето на златното момче на Америка“ кога раскинале.

Со објава на својот инстаграм-профил, пејачката напиша дека навистина ѝ е жал ако повредила некого со напишаното и ги пофали новите песни на Тимберлејк.

„Сакам да се извинам за некои работи што ги напишав во мојата книга. Ако навредив некои луѓе, за кои многу се грижам, многу ми е жал. Исто така, сакам да кажам дека сум вљубена во новата песна на Џастин Тимберлејк, ‘Selfish’. Песната е многу добра! А, како е можно секогаш да се смеам толку многу кога ќе ги видам Џастин и Џими?“, напиша Спирс на својот инстаграм-профил, кој сега ѝ е приватен, и додаде дека и песната „Sanctified“ ѝ се допаѓа.

Бритни Спирс и Џастин Тимберлејк / Фото: LUCY NICHOLSON / AFP / Profimedia

Обожавателите на пејачката беа среќни што ја прочитаа нејзината страна од приказната во мемоарите, а минатата недела ја вратија нејзината песна „Selfish“ од 2011 година на топ-листите откако Тимберлејк го пушти новиот истоимен сингл.

Во „Жената во мене“, Спирс го искритикува пејачот дека „градел кариера“ врз наративот дека му го скршила срцето. Таа го спомна и видеозаписот за песната „Cry Me A River“ на Тимберлејк, за чии потреби пејачот најми двојничка на Спирс и со тоа таа беше оцрнета по нивното раскинување.

„Почувствував дека немав начин да ја раскажам мојата страна на приказната во тоа време. Не можев да објаснам бидејќи знаев дека никој нема да застане на мојата страна откако Џастин го убеди светот во неговата верзија. Мислам дека Џастин не ја сфати неговата моќ да ме посрамоти“, напиша таа во своите мемоари.

Бритни Спирс и Џастин Тимберлејк на Американските музички награди / 8 јануари 2001 / Фото: LUCY NICHOLSON / AFP / Profimedia

Спирс сподели и дека абортирала бидејќи Тимберлејк не бил спремен да стане татко.

„Тој рече дека не сме подготвени да имаме дете во нашите животи, дека сме премногу млади. Сигурна сум дека луѓето ќе ме мразат поради ова, но јас се согласив да немам дете”, се вели во книгата во која Спирс го обвини Тимберлејк дека ја изневерувал додека биле во врска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот