МНК ИКОМ објави нов број на периодичната публикација „Музеологика Македоника“

Здружението МНК ИКОМ (Македонски национален комитет на Меѓународниот Совет на музеите), како дел од својата издавачка дејност, го објави бројот 14 на публикацијата „Музеологика Македоника“, која се печати периодично од 1996 година.

Текстовите што ги содржи публикацијата се однесуваат на содржини од редовните годишни советувања кои се организираат по повод 18 Мај – Меѓународен ден на музеите (кој во светски рамки се одбележува од 1977 година), а кои се осврнуваат на актуелни проблематики во дејноста.

Со објавата на публикацијата им се овозможува на музејските работници и други професионалци на едно место да ги публикуваат во соодветна репрезентативна печатена форма истражувањата, достигнувањата и сознанијата за различни теми од областа, што е уште еден од начините за унапредување на теоретскиот и научен дел од музејската дејност.

Текстовите во најновиот број „Музеологика Македоника (Museologica Macedonica)“ 14 (вкупно 18 текстови и 5 Ин мемориам), се осврнуваат на период од четири години (2018-2021) и се објавени на македонски јазик, со превод на резиме на англиски јазик.

Содржината на новиот број на публикацијата е поделена во четири делови, кои се однесуваат на четири советувања со различни теми, а во сегментот „Ин мемориам“ објавени се текстови посветени на д-р Крсте Богоески, д-р Лазар Шуманов, Јован Ристов, Јовица Станковски и м-р Александар Стојчев.

Новото издание на „Музеологика Македоника“ е дел од комплексниот проект „Одбележување на 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за 2021 година“, кој беше составен од три (3) активности: 1. Советување по повод 18 Мај – Меѓународен ден на музеите (за 2020 и 2021 година); 2. Доделување на награда по повод Меѓународен ден на музеите (за 2019 и 2020 година); и 3. Издавање на публикација „Museologica Macedonica бр. 14“. Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот