Младински културен центар/ФОТО: Слободен печат

МКЦ од Градот годинава ќе добие 6,4 милиони денари, МОТ ќе се реализира со 1,5 милиони денари

Една од стратешките цели во областа на културата е реализацијата на активностите поврзани со Скопје – Европска престолнина на културата 2028, со цел, како што е прецизирано, кај граѓаните да се подигне свеста за значењето на оваа престижна титула, со која градот може да го забрза својот економски, социјален и урбан развој.

За манифестации, фестивали и разни други проекти кои се дел од програмските активности што ќе ги реализираат јавните установи од областа на културата, чиј основач е Град Скопје, годинава се обезбедени 102.950.000 денари во градскиот буџет.

Со Програмата за  финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2026 година, освен јавните установи се опфатени и проекти што ќе бидат реализирани од други физички и правни лица од областа на културата кои делуваат на подрачјето на главниот град, а кои ќе бидат избрани по пат на јавни повици или со постапка за јавни набавки.

Од јавните установи најмногу пари се предвидени за Младинскиот културен центар. Со 6,4 милиони денари МКЦ треба да организира проекти за „Бела ноќ“, Фестивалот на светлината, „Млад отворен театар“, потоа филмска, музичка и литературна програма, како и ликовни работилници во Детскиот креативен центар. Најмногу пари од овој износ се наменети за ансамблите на МКЦ и тоа 2,4 милиони денари или речиси 39 илјади евра, додека „Млад отворен театар“ ќе треба да се реализира со 1,5 милиони денари, односно 24 илјади евра.

За проектите на ЈУ Културно-информативен центар во буџетот се предвидени 4,5 милиони денари, Музеј на Град Скопје ќе добие 2 милиона, Детскиот културен центар „Карпош“ 2,8 милиони денари, за градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се обезбедени 2,7 милиони денари, еден милион денари се наменети за Домот на културата „Кочо Рацин“, како и 200 илјади денари за ЈУ Универзална сала.

Преку оваа програма градот ќе се стреми да ја зголеми достапноста до културните содржини за сите граѓани, поттикнување активности кои промовираат современа уметност, музика, театар, литература и други форми на културен израз, вклучувајќи ја притоа  целата заедница. Реализирајќи ги активностите од оваа програма, Град Скопје ќе се позиционира како културен центар, кој ќе ги инспирира и привлекува уметниците, туристите и културните ентузијасти, а сето тоа ќе овозможи побрз развој на креативните индустрии, дизајн, филм, музика, дигитални уметности, кои претставуваат двигател на економијата – се наведува во Програмата усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје.

Една од стратешките цели е реализацијата на активностите поврзани со Скопје – Европска престолнина на културата 2028, со цел, како што е прецизирано, кај граѓаните да се подигне свеста за значењето на оваа престижна титула, со која градот може да го забрза својот економски, социјален и урбан развој. За активности поврзани со ова, Градот годинава ќе издвои 66 милиони денари или нешто повеќе од еден милион евра.

Градот Скопје ќе го остварува локалниот интерес во културата во текот на 2026 година и преку обезбедување институционална и логистичка поддршка на активностите кои поттикнуваат меѓународна и меѓуопштинска соработка во областа на културата со разни меѓународни и домашни субјекти од областа на културата, локални самоуправи, национални управни тела и други сродни организации. Исто така, може да го остварува локалниот интерес во културата и преку обезбедување логистичка и институционална поддршка на проекти и активности на други чинители од областа на културата, кои не се финансирани преку Буџетот на Град Скопје за 2026 година, доколку се утврди дека се од посебен интерес и значење за градот Скопје – се вели во Програмата.

За програми и проекти од културата на фирми и правни лица средствата ќе се доделуваат со распишани јавни повици, а за оваа намена се предвидени вкупно 4,5 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот