МКЦ не заборава – 60 години од земјотресот во Скопје

Програма за настанот во МКЦ

Младинскиот културен центар во Скопје, како институција која е дел од проектот за издигнување на постземјотресно Скопје, со пригодна програма ќе ја одбележи 60-годишнината од кобниот настан, што се случил на 26 јули 1963 година.

– Тој фатален скопски ден, далечната 1963 година, покажа дека Скопје е кревок град. Оттогаш, со секој изминат ден Скопје се сеќава на трагедијата која го зафати нашиот град, но и на силниот светски наплив на солидарност кој го издигна Скопје во бастион на хуманизмот и обновата – истакнуваат од МКЦ.

Мултимедијалната програма за одбележување на годишнината ќе се одржи на 26 јули, со почеток во 18 часот и ќе трае до доцна во ноќта на локации во и околу МКЦ.

Во музичката програма, која ќе почне во 21 часот, во Парк МКЦ, ќе настапат „Педро Хоризонте“, „Луфтанза“ и групата „Баклава“, која концертно ќе го промовира албумот „За Скопје со љубов“.

Во визуелниот сегмент ќе бидат отворени изложбите на фотографии „Попатни одблесоци“ од Ристо Костовски во Галерија МКЦ (20 часот) и „Бетонско Скопје“ на Филип Конески и Борис Јуримовски во „Галерија 2 МКЦ“ (20.30 часот). Претходно, во 18 часот, во Парк МКЦ ќе се одржи Детска ликовна работилница „Моето Скопје: илустрирајќи го градот од соништата“ со уметникот Доротеј Нешовски.

Книжевниот настан во рамки на програмата „МКЦ не заборава: 60 години од земјотресот во Скопје“ е со наслов „Книжевен времеплов на Скопје“. Архитектурата, населбите, модата, фотографиите, историјата, приказните и значајните скопјани, се само дел од темите што ќе бидат опфатени на разговорот за Скопје, инспириран од книгата „Зелениот дворец“ од Сибо. Настанот ќе се одржи во 20 часот во Парк МКЦ.

Филмската програма ќе почне околу полноќ со проекција на филмскиот омнибус „Скопје Ремикс“ (2012) во Парк МКЦ. Омнибусот ги обединува кратките филмови на режисерите Вардан Тозија, Ѓорче Ставрески, Јане Алтипармаков, Борјан Зафировски, Саша Станишиќ, Синиша Евтимов, Срѓан Јаниќијевиќ, Огнен Димитровски, Даријан Пејовски и Бојан Трифуновски.

Сите настани во програмата на МКЦ се со слободен влез.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот