МИОА анализира како ќе се намали администрацијата за 20 проценти

Се уште нема конкретни активности во насока на намалување на јавната администрација. Првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, презентирајќи го буџетот за наредната година, истакна дека се вршат анализи на оваа тема, но во меѓувреме се работи на што поголема ефикасност на службениците.

– Во тек е реализација на проектот за реорганизација на јавната администрација, преку ИПА фондовите. Во првиот дел од анализата се опфатени сите министерствата, а потоа и другите органи на државата. Сепак, во почетна фаза сме за конечни податоци за реорганизацијата на администрацијата, изјави министерот Шаќири.

Во експозето на Владата, кое на почетокот на септември беше презентирано во Собранието, се вели дека администрацијата ќе претрпи структурни реформи и ќе се намали за 20 проценти бројот на административците.

– Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти преку спојување на функции, надлежности на институциите, преку задолжително пензионирање на 64 години, преку пакети за трансфер во приватниот сектор или предвремено пензионирање, рече Заев.

Инаку денеска пратениците во Комисијата за труд и социјална политика ја усвоија потребата за измени и дополнувања во Законот за работни односи, кои предвидуваат задолжително пензионирање со навршени 64 години и 15 години стаж. 

Во насока на намалување на администрацијата и нејзина ефикасност претходно вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и човечки ресурси, Љупчо Николовски најави дека следува згаснување на институции, односно нивно спојување со други органи или министерства.

– 2021 ќе биде година на укинување и спојување на институциите, агенциите, фондовите и слично, чекор по чекор. Граѓаните треба да знаат дека активно работиме. Тоа ќе бидат темелни и суштински промени во континуитет, изјави Николовски, додавајќи дека веќе е намален бројот на министерства.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот