Министерството за здравство ги мапираше ресурсите на јавното и приватното здравство

Министерството за здравство направи анализа за тоа колку приватни и јавни здравствени установи има во Македонија и каков медицински кадар работи во нив. На страницата „Мој Термин“ се претставени сите јавни и приватни здравствени установи, заедно со информации кои услуги покриени од ФЗОМ ги нудат и со каква опрема располагаат.

Во државата има вкупно 3.779 здравствени установи (во моментот кога е направена анализата). Од овие здравствени установи 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежа се 837 установи. Од 2.942, 2.830 се приватни здравствени установи (ПЗУ), а 112 се јавни установи – од кои 108 се јавни здравствени установи (ЈЗУ) и 4 институции кои даваат јавни здравствени услуги, како што се Воено медицински центар, МАНУ, Универзитет Св. Кирил и Методиј-Медицински Факултет и Фармацевтски Факултет – Скопје, информираше министерот за здравство Азир Алиу.

Анализата произлегла со вкрстување на податоците од Централен регистар, Агенција за вработување, Лекарска комора, Стоматолошка комора, Фармацевтска комора, Управа за електронско здравство и Фонд за здравствено осигурување.

Бројот на вработените во јавниот и приватниот сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во јавноздравствените установи, а 13.847 во приватните. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор). Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746. Медицински сестри се 7003 во ЈЗУ, како и останати медицински и немедицински кадар во ЈЗУ ( во кој се опфатени над 550 називи според меѓународната ISCO класификација (пример возач на брза помош, хигиеничар, магационер, клинички фармацевт и др.)

Министерот рече дека се вкрстени податоците од јавните здравствени установи и приватните здравствени установи.

Ги поврзавме сите нивоа на здравствената заштита, односно примарно, секундарно и терциерно ниво, ја анализиравме дистрибуцијата во сите општини и региони, податоците ги класифициравме по специјалност, по профил и по тип на установаОва е почеток на воспоставување регистар на работници во областа на здравството каде што податоците ќе може да ги гледаме во реално време и да креираме здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци, истакна тој.

Според Алиу пресекот што го направиле во Министерството не е табела што ќе застари за шест месеци, туку мапирање на човечките ресурси .

Како министер, верувам дека системите може да се менуваат само откако ќе се измерат, и затоа од денес во иднина ќе можеме да го следиме движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една во друга здравствена установа. На крајот, секој граѓанин оправдано ќе праша што ќе значи ова за мене? Ова значи дека кога ќе зборуваме за нови вработувања тоа ќе биде одговор на конкретни потреби да здравствениот систем. Кога ќе кажеме дека ќе се зајакне примарното здравство во некоја општина, точно ќе знаеме точно колку лекари и сестри треба да има таму, кога ќе кажеме дека нема да дозволиме да има градови со двојно помалку лекари по жител, ќе знаеме како да го исправиме тоа, рече Алиу.

Според него, нема да има отворање на конкурс за специјализанти по градови, по желба на институцијата ако тоа не се вклопува со матрицата на податоци за човечките капацитети.

– Креираме национална стратегија за 10 години за човечки капацитети. Според овие анализи ќе знаеме и ќе бараме од Министерство за образование и наука да се отвораат толку слободни капацитети во средно и високо образование за да можеме после тие да ги вклопиме според нашите барања компарирани со европските стандарди. Триесет години Министерството за здравство немаше матрица на вработени и класифицирани на ниво на институција, не само на ниво на град, рече Алиу. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот