Принтскрин Јутуб

Министерството за транспорт и врски најави интелигентни транспортни системи на Коридор 10

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски заедно со министрите за транспорт и инфрастуктура од земјите на Западен Балкан ја потпишале заедничката Декларација за имплементација на Интелигентни транспортни системи, соопштија денеска од Министерството за транспорт и врски.

Со Декларацијата, земјите од Западен Балкан се залагаат за воведување на интелигентни системи во железничкиот и патниот сообраќај на европските коридори, како предуслов за ефикасен транспорт.

Министерот Бочварски истакнал дека развојот и имплементацијата на Интелигентни транспортни системи се суштински развојот на транспортните мрежи по европски стандарди и нагласил дека патот на Северна Македонија во овој дел е целосно фокусиран на модернизација на Коридорите преку вакви ИТС системи.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, се посочува во соопштението, Владата ја донесе Националната стратегија за Интелигентни транспортни системи 2023-2032 и во Националната стратегија се наведени целите за нивна имплементација во периодот до 2030 година.

„Првиот квартал од 2024 година очекувам да избереме изведувач и да започнеме со имплементација на ИТС системи долж Коридорот 10 и тоа од Велес до Граничен премин Богородица, а во втора фаза да се постават и од потегот од Велес кон граничниот премин Табановце. Ова вклучува поставување на системи за управување со сообраќајот и тоа знаци со променлива содржина, систем со камери за броење, систем за категоризација на возила, метеоролошки станици за следење на временските услови и регионален контролен центар за ИТС“, изјавил министерот Бочварски, се вели во соопштението.

Како среднорочна цел предвидена е имплементација на ИТС и на Коридорот 8, како и делницата Тетово – обиколница Скопје – Миладиновци до Штип.

На панелот за ИТС системи во рамки на министерскиот совет, министерот Бочварски потенцирал дека воведување на вакви информатичко-комуникациски технологии во сообраќајот ќе придонесат за побезбеден, поефикасен и одржлив транспорт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот