Министерот Лога жали за тоа што на Мијалков му застарело уште едно дело, бара брзи судски реформи

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет, „Титаник 2“ и тоа за ист обвинет“, реагираше министерот за правда Кренар Лога, откако денеска поради неуредна покана за обвинетите и адвокатите, клучната јавна седница за овој предмет, на која требаше да се донесе пресудата, е закажана за 13 април. Делото на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, застарува на 7 април.

Предметот го судат претседателот на Советот, Ѓоко Ристов, како и судиите Тања Милева, Лидија Зимбовска и Зоран Димитриевски.

„Веднаш по стапувањето на функцијата министер за правда, испратив дописи до Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Јавното обвинителство на 14 март 2023 година, каде предупредив и побарав поефикасно и невремено преземање мерки со цел спречување на вакви и слични ситуации на застарување на судските предмети преку одложувања на судските процеси“, рече министерот Лога.

Тој додава дека и покрај неговата заложба да не се меша во независната судска власт, принуден е да реагира и да ги повика сите институции и организации „итно да преземат мерки за брзи реформи“.

„Ваквите случаи не му одат во прилог на развојот на општеството, туку напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот систем“, смета Лога.

За случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборните нерегуларности, двапати одлучуваше Кривичниот суд, а тој сега вторпат е во Апелација. Мијалков се гони за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Првата пресуда за „Титаник 2“ беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.

Пред шест дена Апелација донесе пресуда и за „Плацови на Водно“, со која Сашо Мијалков беше ослободен од затвор и доби условна казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот