Минатото расте, иднината се намалува

Нашите задолжувања и други премрежиња несомнено можат да ни донесат големи проблеми, но тие ќе бидат бранчиња во каллива балканска бара што нема битно да ја „намалат“ иднината. Единствената фатална опасност што ни се заканува е онаа од грамадната Империја што нервозно се закашлува во напорите да го одржи својот светски примат, задолжувајќи се и напрегајќи се неконтролирано.

На прв поглед насловот наликува на хаику песна, но се работи за мисла на Харуки Мураками, која е толку вертикална и моќна, како да е термодинамички закон што е применлив буквално на просторот на целата вселена. Овој закон можеби ја утврдува непобитната вистина на секој ентитет во природата, а тоа е дека колку подолго постои, толку повеќе му „расте“ историјата, и толку помалку време му преостанува во иднината. Суровата вистина на природниот закон само го повторува она што можеби секој во себе го знае, дека на почетокот имал нула историја и сто отсто иднина, додека на крајот е сосем обратно.
Но, покрај директнава порака, вселенскиот хаику закон на Мураками може да ни расветли уште дузина други големи тајни на светот. Може, на пример, да ни ја објасни иднината што нè очекува во тукушто начнатата година (и времето што и следи), разгледувајќи го односот помеѓу растењето на планината на светскиот долг, што неизбежно ја зголемува сенката што минатото ја фрла врз иднината, заедно со зголемувањето на веројатноста од нејзиното неизбежно намалување и снемување.

Вкупниот светски долг е можеби невозможно да се пресмета, но неколку референтни истражувања излегоа со апсолутно неверојатни бројки. Насобраниот долг, кој се состои од приватниот долг на домаќинствата, претпријатијата, корпорациите и на банките, заедно со јавниот долг што се состои од државните позајмици, буџетските дефицити и издадените обврзници на државните власти на сите нивоа, испадна дека денес изнесува 350 отсто од светскиот бруто-производ! Само во водечката светска економија, онаа на САД, задолженоста пораснала на 420%, што е многу повеќе отколку што била во добата на Големата депресија или дури во Втората светска војна. Интересно е што овој застрашувачки темен облак, оваа мрачна планина што му ја одзема виделината на светот, воопшто не е предмет на ударните вести, дури ја нема ни во економските прилози, барем како тема што не само би требало да загрижува, туку и – добро разбрана – би решила многу индивидуални проблеми со опстипацијата.

Економските истражувачи велат дека ова не би било голем проблем доколку масивното задолжување на светот се инвестира во економски активности – како што е производството – што ќе обезбедат принос поголем од трошоците на задолжувањето. Меѓутоа, она што му се случува на светот е токму обратното: светот се задолжува со финансирање на претходните долгови и со потрошувачка што е поскапа отколку што се приходите, а тоа ја детерминира и светската иднина изразена со малку зборови како апокалиптичен планетарен банкрот.

Но, прекумерното и налудничаво задолжување трае повеќе децении во коишто сите влади почнаа јавната потрошувачка да ја финансираат не од собраните даноци, туку од задолжувањето што не само што им ја намалува туку и ја уништува иднината на следните генерации. Од друга страна, во светската неолибералистичка мантра сето тоа време беше усвоено општото правило дека задолжувањето треба да го поттикнат и да го олеснат ниските камати, односно евтиниот капитал, рамните и ниски даночни стапки и дерегулацијата на пазарот и финансиите. Сето ова закономерно доведе до состојба на општоприфатено – а сосем налудничаво – печатење пари и електронско измислување на капиталот буквално од ништо, преку задолжувањето со пари што пред да станат долг воопшто и не постоеле.

А како со задолжувањето се носи најбогата земја на планетата? Засега одлично, а бројките го потпираат оптимизмот. Според извештајот на американскиот Трезор, владата на САД дента на 3 октомври 2021 година должела 31 билиони (илјади милијарди), 123 милијарди, 887 милиони, 781 илјада, 401 долари и 34 центи. Бројката е незамисливо голема, така што човек не ни може да го замисли ужасот што на планетава овој долг може да ѝ го предизвика, но интересно е да се види темпото на неговото растење. Познавачите цитираат извештаи на Трезорот, имено дека на почетокот на 2017, кога Трамп стана претседател, долгот бил „само“ 19,94 илјади милијарди долари, додека кога Бајден ја презеде претседателската канцеларија во јануари 2021, долгот веќе бил цели 27,75 илјади милијарди долари.

Ова неверојатно темпо на задолжување на најбогатата земја на светот (3 илјади милијарди за помалку од година дена) сигурно предизвикува загриженост кај нејзините сојузници, бројните вазали, но и кај сите други земји што живеат во страв дека ако САД се закашлаат или сериозно се засркнат, финансиското цунами што ќе почне да бранува во кругови по целата планета нема да остави многу живи економии, а преживеаните ќе бидат оштетени до непрепознатливост. Тука е и американската – и планетарна – тајна како се одржува светската хегемонија на САД во услови на толку голем долг: сите загрижени земји штедат и тргуваат со долари, та масата пари што вазалите и прирепоците ја штедат во долари всушност е главната „сила“ што ја одржува во живот (и на врвот на светот) Империјата на доброто и на светската милозливост.
Доколку се заинтересираме за структурата на империјалниот долг – од кој ни зависи во целост иднината – ќе утврдиме дека, на пример, само долгот за школување на 45-те милиони Американци што ги отплаќаат нивните студентски кредити, изнесува приближно две илјади милијарди долари. При што, интересно е да се напомене, 40 отсто од нив никогаш не ги ни завршиле студиите, а во последниве 25 години само 32 индивидуи доживеале долгот да им биде простен.

Од друга страна, за војните што Империјата непрекинато – може да се рече сосем неизбежно и закономерно – ги води, таа троши буквално незамисливо големи суми пари. Само за потполно бесцелната и неоправдана инвазија врз Авганистан биле потрошени повеќе од две илјади милијарди долари, додека за здравствената заштита и грижа за инвалидитетот на четирите милиони воени ветерани веќе се потрошени уште толку. А, бидејќи војните што САД ги водат во 21-виот милениум не се плаќаат од даноците (како што беше случајот со корејската, виетнамската или со Втората светска војна), туку со зголемување на државниот долг, процените велат дека само каматите од военото задолжување ќе изнесуваат повеќе од 7 илјади милијарди долари во следните децении.

Најстрашното е што ова задолжување сè повеќе се случува со тивко и авторитарно одлучување во Белата куќа, а не со какво и да е демократско дебатирање, што најдобро се отсликува со фактот дека за финансирањето на виетнамската војна во Конгресот се водела дебата дури 42 пати, додека за војните во Авганистан и во Ирак едвај петпати. За зголемувањето на трошоците од војната помеѓу САД и Русија, што се води во Украина, можеме и самите да се увериме дека едвај и се следи во дневните вести.
Ќе се запрашате, почитувани читатели, зошто задолженоста на САД и на големиот свет би требало да се наша грижа, а не македонцките работи што живот ни значат? Прашањето е на место, но одговорот е погоре веќе изговорен: нашата дробност е нашата слабост, но и нашата најголема заштита. Нашите задолжувања и други премрежиња несомнено можат да ни донесат големи проблеми, но тие ќе бидат бранчиња во каллива балканска бара што нема битно да ја „намалат“ иднината. Единствената фатална опасност што ни се заканува е онаа од грамадната Империја што нервозно се закашлува во напорите да го одржи својот светски примат, задолжувајќи се и напрегајќи се неконтролирано. Така што, она што навистина треба да нè плаши е таа да не се засркне од сопствените конвулзии, што ќе предизвика бранови кои тука, во библиската земја, ќе бидат доживеани буквално како и библискиот потоп што ќе ја заплави и нашата и иднината на светот.

Авторот е архитект и универзитетски професор

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот