Милков нека прошета до Ваташа да види дел од традицијата на колежи и насилство, порача Пендаровски

Фотографија од третиот погреб на погубените младинци од Ваташа, кога моштите им се пренесени кај споменикот / Фото: Википедија / Петре Камчевски

Претседателот Стево Пендаровски во изјава по седницата на Советот за безбедност која се одржа попладнево, ја оцени како „грозна“ изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, кој рече дека во Македонија „се враќа традицијата на палење, стрелање и насилство врз луѓе“.

Тој го упати бугарскиот функционер „да прошета до Ваташа и да види дел од традицијата на колежи, стрелање и насилство“, алудирајќи на злогласниот масакр во кавадаречкото село, извршен во Втората светска војна од страна на бугарскиот фашистички окупатор, кога биле стрелани дванаесетмина младинци од селото.

„Во однос на изјавата на господинот технички министер за надворешни работи… Тоа е прилично грозна изјава… вели: ‘Во Македонија се враќа традицијата на колежи, стрелање и насилство’. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот ‘41-’44 (окупацијата на Бугарија врз Македонија*). Кога техничкиот министер за надворешни работи ќе има време може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, рече Пендаровски.

Претседателот претходно рече и дека предложил да им се забрани влезот во земјава на повеќе лица од Бугарија, меѓу кои и на европратеникот Ангел Џамбаски.

Пендаровски упати и порака до бугарските власти.

„Изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме“, рече претседателот, додавајќи дека ова го прави секоја сериозна држава во светот, вклучително и Бугарија.

„Предлагам во наредниот период далеку подобра координација меѓу надлежните институции од двете земји, со цел да не дозволиме европската агенда и билатералните односи да станат жртва на анахрони националистички и популистички политики од двете страни“, рече Пендаровски.

ВИДЕО | Пендаровски: Предложив да им се забрани влез во земјава на повеќе лица од Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот