Милевски: Грција во Брисел ја испушти првата можност да застане зад нашата земја

Горан Милевски

Наместо да ја преземе палката за влијание и притисок и да ја искористи првата можност што ѝ се даде за да застане зад нашата земја, Грција, за жал, само немо го следеше Самитот во Брисел, вели министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милевски за МИА.

Милевски учествува на 40-тиот Конгрес на Европската Алијанса на либерали и демократи (АЛДЕ) што се одржува во грчката престолнина, а во чии рамки доставена е и итна резолуција за европската перспектива на Северна Македонија и Албанија, резолуција во која се бара двете земји да се разгледуваат индивидуално, а не во пакет.

Милевски, во разговор со дописничката на МИА од Атина ја пренесува климата меѓу европските либерали, говори за доставената резолуција што утре ќе биде ставена на гласање, ја коментира позицијата на Грција на минатонеделниот самит на ЕУ, но ги открива и плановите на паријата за претстојните избори кај нас.

На тридневниот Конгрес во Атина присуствуваат околу 800 делегати, вклучително и премиери, европски комесари, носители на одлуки, делегати и индивидуални членови на АЛДЕ од цела Европа.

Господине Милевски,Конгресот на либералите е на една седмица по негативниот исход од самитот на ЕУ. Каква е атмосферата меѓу либералите? Што велат тие за ветото од Макрон и европската перспектива на нашата земја?

-Де факто, на наше големо задоволство имаме една голема поддршка кај сите наши европски партнери, бидејќи Макрон е дел од Renew Europe која што коалицира со АЛДЕ партијата и кај нашите членки има разочарување, а сите потенцираа дека Макрон не е либерал и да не чувствуваат граѓаните на Македонија дека либералите ја блокирале државата на патот кон ЕУ. Напротив либералните премиери беа тие кои најмногу ја бранеа државата на Самитот. Тука особено се издвои премиерот на Словенија, Шарец, но безрезервна поддршка дале и премиерите на Луксембург и на Холандија, за на Македонија да ѝ се додели датум за преговори и да започне претпристапниот пат. Она што е многу важно е тоа што ние доставивме една итна резолуција, која што либералите од Југоисточна Европа едногласно ја поддржаа и која што утре ќе се најде на Конгресот на АЛДЕ.

Резолуцијата е поврзана со нашата европска перспектива, за што точно се работи?

-Она што е специфично е што фактички во зборовите ние поддржуваме да започнат преговори и за Македонија и за Албанија, но многу важно што АЛДЕ сака да ги одвои овие држави да не се зборува за пакет, туку да се зборува за датум за Македонија, бидејќи ние сметаме дека секоја земја треба индивидуално да се оценува врз основа на нивните реформи кои што ги направиле и за нас е недозволиво да се поврзуваат во пакет држави една со друга и едната држава да трпи заради другата. АЛДЕ бидејќи е за инклузивност на процесот и за интегрирање на Западен Балкан, се поддржа влезот и на двете држави, меѓутоа да се разгледуваат поединечно, што не значи дека нема да добијат во исто време датум, меѓутоа зборуваме за различни датуми кои можат да се поклопат, но во секој случај индивидуалното оценување на двете држави е многу важно за нас. Доколку помине вака резолуцијата утре на Конгресот, тоа ќе биде недвосмислено, не само поддршка туку промена во начинот на кој што размислува сега Европската унија, бидејќи во АЛДЕ се членки премиери на неколку европски земји. Ова е многу важна поддршка. Синоќа и европратениците од АЛДЕ гласаа едногласно за поддршка на Македонија, зборувам за АЛДЕ, а не на Renew Europe, бидејќи тоа е различно и ова фактички, ќе биде уште едно признание за нашата земја и за нашите граѓани да знааат дека во либералите имаат целосна поддршка. Тие ја поддржуваа Македонија да почне преговори и под уставното име, старото име Република Македонија, а сега кај нив нема дилема дали ние треба да почнеме преговори или не.

Очекувате учесниците на Конгресот по резолуцијата да лобираат во нивните матични земји за на некој начин да се притисне Франција?

-Поддршката од АЛДЕ е една од најзначајните поддршки затоа што, всушност АЛДЕ е во коалиција со Макрон и кога твоите коалициски партнери ти вршат едногласен притисок дека треба да смениш нешто во твојата политика, тоа навистина е од најголемо значење и затоа мислам дека оваа резолуција и овој притисок од либералните премиери навистина ќе вроди со резултат кај Франција и особено кај Макрон. Се надевам дека како што најави и италијанскиот премиер ќе се обиде прашањето да го врати на состанокот во ноември. Јас се надевам дека и со поддршката на либералните премиери, Франција ќе попушти и ќе можеме до крајот на годинава да се надеваме дека одлуката ќе биде променета и, сепак, Македонија ќе добие датум за преговори. За тоа никој нема гаранции, меѓутоа важно е дека и владата и учесниците во владата и ние како посебен политички субјект влијаеме на сите можни начини, кај сите наши европски пријатели оваа, како што е најавена, историска грешка од Европската унија во најбрзо можно време да се коригира.

Ја споменавте Италија и иницијативата што ја презема. Многумина сметаат дека ваква иницијатива требаше да преземе Грција, со оглед на тоа дека смета дека местото на земјите од Западен Балкан е во Европската унија, ја имаат агендата 2003 од Солун. Вие лично, очекувавте малку поголема поддршка и малку поголем ангажман од Грција?

-Преспанскиот договор вели стратешко пријателство и партнерство што значи дека јас лично очекував од Грција и од нејзиниот премиер многу поголемо влијание и улога да има во добивањето датум за Македонија. За жал, тие не ја искористија првата можност што им се даде за да застанат до Македонија. Се разбира тие не беа против приклучувањето, меѓутоа немо го проследија Самитот и ја пропуштија шансата, палката за влијание и притисок ја препуштија на Словенија и на Бугарија, нашите поблиски соседи, а оние од кои што очекувавме, бидејќи тоа беше договорот, го случивме Договорот за Грција да лобира за членство и во НАТО и во ЕУ, тие ја пропуштија нивната прва прилика која што им се јави на патот. Тука сум веќе два дена и чувствувам дека и грчката јавност има притисок, има незадоволство и во грчката опозиција за таквиот пасивен став на премиерот. Практично во интерес на Грција беше да се отпочнат преговорите бидејќи Преспанскиот договор е поврзан со отворањето на различни поглавја на патот кон ЕУ, што значи автоматски дека тие самите индиректно ја блокираат понатамошната имплементација на овој договор во целосна смисла. Тој договор сега е дел од Уставот и нема назад, но сепак зависи во кој период и во кој процент ќе се имплементира овој договор од двете страни. Се надевам дека грешката која што ја направи Мицотакис, веќе во следната прилика, на следниот состанок, во ноември ќе се коригира и навистина ќе застане поенергично за на Македонија да ѝ се даде датум за преговори со ЕУ.

За помалку од шест месеци одиме на избори. ЛДП ќе учествува со СДСМ или самостојно? Имате размислувано или можеби уште е рано?

-Владата во која што сме и ние, навистина постигна многу во деблокирањето на патот за членство во НАТО и Европската унија и деблокирање на процесите започнати за демократска трансформација на општеството во државата. Навистина не во секоја област има резултати меѓутоа процесот е незапирливо започнат. Јас се надевам дека граѓаните ќе дадат поддршка на продолжување на патот на реформи во државата. ЛДП дали ќе настапи заедно во коалиција или самостојно, сѐ уште немаме донесено одлука. Тоа ќе зависи од изборниот модел, бидејќи премиерот го отвори изборниот модел како таков, отворени или затворени листи што многу ќе влијае врз нашата одлука, се разбира од стратешкиот договор кој што ќе треба да го склучиме, за кои начела ќе се бориме во иднина и од расположение на членството. Кога овие работи ќе се разбистрат се надевам за многу брзо време, бидејќи изборите се во април, ЛДП ќе ја донесе одлуката, се надевам вистинската одлука, која што ќе ја детерминира иднината и на партијата, но и правецот во кој ќе се движи државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот