Мијалков пристигна во Кривичниот суд

Со полициска придружба од домашен притвор во Основниот кривичен суд Скопје пристигна обвинетиот Сашо Мијалков за да ја слушне пресуда за предметот „Таргет-Тврдина”, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, во завршните зборови на Обвинителството беа споменати како главни осомничени, односно обвинителката Ленче Ристоска двајцата, заедно со поранешната началничка од МВР, Надица Николиќ, ги посочи како создавачи на групата за прислушување и поради тоа побара максимални затворски казни за нив.

Адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, бранителот Миле Петровски, пак, во завршните зборови истакна дека теоријата на Обвинителството во случајот „Таргет-Тврдина”, против неговиот клиент, е само теорија заснована на недокажани претпоставки.

Во понеделникот се чинеше дека пресудата ќе биде изречена во отсуство на обвинетиот поранешен директот на УБК, кој исчезна во неделата попладне. Полицијата три дена трагаше по него, беше распишана национална, потоа и меѓународна потерница, беа извршени претреси во објекти и повикани на информативни разговори членови на наговото семејство. Мијалков во вторникот попладне ненајавено се појави пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за да го подигне решението за домашен притвор што му го одреди Кривичниот суд. Тврдеше дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини, имал висока температура и симптоми на корона.

Пресудата за „Таргет-Тврдина” ќе биде првостепена, а странките ќе имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот