Мицкоски: Заев и СДСМ се најголеми непријатели на правдата, ја однесоа Јанкулоска во затвор за мерцедесот што го возат

Фото: mia.mk

Со паролата „Доле мафија, правда сега”, опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ вечерва го одржа новиот протест против, како што велат, неправдите, реваншизмот и политичкото насилство. Маршот предводен од претседалот на партијата, Христијан Мицкоски  тргна од пред Министерството за правда и заврши пред објектот на Јавното обвинителство од каде беа упатени пораки до власта.

Мицкоски во обраќањето на протестот рече дека четири години гледат само неправда, а најдобар доказ за ова, како што рече, е дека за четири години ниту еден министер, ниту еден директор сè уште не одговарал за злоупотреба или криминал. Тој го критикуваше Обвинителството дека „не постапува во случај кога во државата се затвора банка од 200 милиони евра, односно за тоа дека со панамски пари се купува земјиште во Тетово”.

– Гордана Јанкуловска ја однесоа во затвор за мерцедесот, а мерцедесот го возат тие. Не може да има владење на правото додека не се вештачи телефонот на Бојан Јовановски во случајот „Рекет”, не може да има владење на право додека не се расветли „Рекет 2″. Нас ни треба правда за обичниот човек. Заев и СДСМ се најголеми непријатели на правдата. Најголемите напади врз мене се затоа што не сум се договарал, рече Мицкоски.

Тој вечерва уште еднаш го повтори ставот дека опозицијата треба да го предложи идниот јавен обвинител и истакна дека Заев бега од ова прашање.

На првиот ваков протест за правда организиран од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски побара од премиерот Зоран Заев да го одржи зборот и да овозможи предлогот за јавен обвинител да го даде опозицијата, исто како што бараше во време кога беше во опозиција. Но, ден потоа доби одговор од министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој призна дека имаше таков предлог од СДСМ, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ избега и ги напушти преговорите. Според него, сега не е време за промена на Уставот, односно тие како власт имат други приоритети во однос на владеење на правото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот