Мицкоски: Бараме независен јавен обвинител и одговорност за незаконски прислушуваните разговори

Независен јавен обвинител во борбата против, како што рече, мафијата на Зоран Заев и одговорност за незаконски прислушуваните разговори, побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од петтиот протестен марш низ скопските улици што денеска се одржа против „неправдите, реваншизамот и политичкото насилство”. Групата тргна од пред Министерството за правда и заврши кај Кривичниот суд, а учесниците постојано скандира „Слобода, оставка и мафија на робија”.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот говор пред учесниците на протестот рече дека „правдата во Македонија е нападната”, истакнувајќи дека „селективната правда денес во Македонија е неправда”.

– Ништо не се смени за овие четири години под мафија. Како пред четири години, така и денес, тие ветуват исти работи. Ќе имало правда, ред, дисциплина. Ова влада нема решение за проблемите кој денеска се сурова реалност. Една мината ноќ на невин човек во затвор е потешка од десет години на робија на криминалец. Во затворите има луѓе поради политички прогон, а овие за кој Заев велеше дека се криминалци денеска гледаме дека се најблиску до него, рече Мицковски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се покорила.

Мицкоски од овој протестен марш му упати и неколку барања на премиерот Зоран Заев, од кој едно беше и тој да го одржи ветувањето дадено во времето кога беше во опозиција и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој „ќе го исече од корен криминалот”.

– Ова не би требало да претставува пречка за Заев, бидејќи истото го предлагаше пред да дојде на власт. Второ под итно да се спречи реваншизмот, да престанат притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, во армијата и во Министерсвото за внатрешни работи. На сите тие кои се обесправени, ВМРО-ДПМНЕ им нуди бесплатна правна помош. Државата во моментот е без Комисија за заштита од дискриминација. Најитно да се формира ова Комисија и да се донесе новиот Закон за заштита од дискриминација. Оние кои се подложни на уцени и закани, мора да бидат заштитени. Сите предмети што се познати во јавноста, сите предмети за криминал за кои власта сега молчи, ќе бидат отворени и предмет на ревизија. Не може во Македонија да владе правото ако не се открие по чиј налог и наредба беа незаконски прислушувани илјадници наши сограѓани. Тој што ја дал таква наредба, мора да сноси одговорност, истакна Мицкоски.

Според него, не може да има владење на правото ако не се открие кој и зошто „ги полнеше кутите на референдумот, каде имаше избирачки места со излезеност поголема од 99 проценти”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот