Мицкоски: Македонскиот народ заслужи датум за преговори, ЕУ треба да се спротивстави на бугарските уцени

Христијан Мицкоски Гази Баба
Христијан Мицкоски изјава пред медиумите во Гази Баба/ Фото Facebook Hristijan Mickoski

Барањето за предвремени парламентарни избори и датумот за почеток на преговори со ЕУ не се поврзани, затоа што избори треба да има што поскоро бидејќи владата на Заев беше делегитимирана, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата во општина Гази Баба и додаде дека македонскиот народ го заслужува тој датум за почеток на преговори.

Мицкоски истакна дека големо ќе биде разочарувањето кај народот ако и сега нема датум, но тој е оптимист и сака во декември да се случи и верува дека ЕУ ќе се спротивстави на бугарските хегемонистички барања.

„Јас сум оптимист за декември и сакам да се случи датумот, овој народ го заслужува тој почеток на преговори. Не е прашање дали Димитров ќе ги брои неделите или месеците кога ќе се случи тој датум Во Брисел треба се состане Европскиот совет, да заборави на уцените кои доаѓаат од кај нашиот источен сосед и иднината која што треба заеднички да ја градиме во Европа да ја градиме, а не да се враќаме два века наназад“ изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека бугарските барања не се европски вредности и верува дека сите земји членки на ЕУ овој пат ќе ја вразумат Бугарија и ќе ги промовираат вистинските европски вредности врз основа на кои е создадена унијата, односно тие кои своевремено ги имаат промовирано Аденауер, Шуман и де Гаспери.

„Тоа се вредности на обединета и подеднакво развиена Европа. Ќе застанат на патот на овие хегемонистички барања на нашиот источен сосед и на овој народ во срцето на Балканот ќе му дадат можност да преговара и да може еден ден да седне на иста маса со нив и да ги дели тие исти вредности.  Тоа што ние го бараме е да ни се почитува правото да можеме да преговараме и да бидеме дел од унијата затоа што ги споделуваме тие исти вредности“, потенцираше Мицкоски.

Видео на денот