Местеле тендери и го оштетиле буџетот на „ЕСМ дистрибуција“ за 8 милиони евра – кривична против Дардишта од ДУИ и уште 32 лица
Во координирана полициско-обвинителска акција спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември 2025 година, на повеќе локации низ државата, уапсени се 11 лица, а поднесени се кривични пријави против вкупно 33 физички и две правни лица, соопшти Основното јавно обвинителство.
Препорачано
Акцијата, реализирана под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, била спроведена во Скопје и околината, како и во Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани.
Кривичните пријави се поднесени поради основано сомнение за сторени кривични дела: „злосторничко здружување“, „злоупотреба на постапка за јавен повик и јавна набавка“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Меѓу пријавените е и Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење матични книги, кој заедно со уште неколку лица од Скопје се сомничи дека бил дел од организирана криминална група формирана во текот на 2023 година.
Уапсен е Бујар Дардишта од ДУИ заедно со десетмина други
-Според наводите од истрагата, групата имала за цел изигрување на постапките за јавни набавки и прибавување противправна имотна корист. Во конкретниот случај се работи за јавна набавка на СКАД ормари за мониторинг на топлински станици за потребите на ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје – се вели во соопштението.
Истрагата, како што соопшти Обвинителството, утврдила дека техничката спецификација била однапред договорена, а на огласот биле пријавени две правни лица – од Скопје и Куманово – со цел фаворизирање на скопската фирма. Таа го добила договорот иако понудената цена била речиси идентична со проценетата вредност, која претходно не била јавно објавена.
Со тоа, според МВР, на правното лице од Скопје му била овозможена противправна имотна корист од 400,4 милиони денари без ДДВ, односно 472,4 милиони денари со ДДВ (околу 7,68 милиони евра), на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција.
Дополнително, во периодот од 2023 до 2025 година, дел од пријавените лица извршиле и перење пари во износ од над 125,5 милиони денари (околу 2,04 милиони евра), со цел прикривање на потеклото, движењето и сопственоста на незаконски стекнатите средства.
Од МВР информираат дека истрагата продолжува, а надлежните обвинителства ќе постапуваат во натамошната фаза од кривичната постапка


