Фото/ EPA-EFE/ANTONIO LACERDA

Меси комбинира два рекорда — најдобар стрелец, но и најлош пеналџија на мундијалите

Лионел Меси пристигна на своето шесто Светско првенство и уште еднаш покажа дека и на 40-годишна возраст сè уште е врвна фудбалска сила. Ја предводи Аргентина до четвртфиналето, стана најдобар стрелец во историјата на светските првенства и е меѓу главните кандидати за освојување на „Златната копачка“. Фудбалскиот свет повторно му се восхитува на аргентинскиот маестро.

Но, денес, додека Аргентина се измачи против Египет, Меси се најде во незавидна ситуација каква што ретко му се случувала во неговата кариера. Наместо по нови рекорди, овојпат светот зборува за неговите негативни статистики, и тоа за човекот кого многумина го сметаат за најдобар фудбалер на сите времиња.

Меси промаши пенал во 19. минута и стана првиот фудбалер во историјата на Светските првенства кој не реализирал два пенали на едно исто издание на Мундијалот. Но, тоа не е единствениот негативен рекорд. Промашениот пенал против Египет беше негов четврти неуспешен удар од белата точка на светските првенства.

Ниту еден друг фудбалер нема толку многу промашени пенали на Мундијалите. На второто место е Асамоа Гјан со два промашени пенала, додека сите останати играчи имаат најмногу по еден неуспешен обид од белата точка. Во оваа статистика не се пресметуваат пеналите во пенал-сериите по продолженијата.

Меси го игра својот 31. натпревар на Светските првенства. Досега постигнал 20 гола и запишал осум асистенции, но пеналите остануваат неговата најслаба точка на мундијалската сцена. Од осум изведени пенали во текот на играта реализирал само четири.

Првиот пенал го промаши против Исланд на Светското првенство во 2018 година, потоа не беше прецизен ниту против Полска во 2022 година, а на актуелниот турнир веќе двапати не успеа да погоди од белата точка.

Од друга страна, успешно реализираше пенали против Саудиска Арабија, Холандија, Хрватска и Франција на Мундијалот во 2022 година, кога Аргентина ја освои светската титула. Од неговите седум гола на тој турнир, четири беа постигнати од пенал, а токму тој поход го направи бесмртен во дресот на аргентинската репрезентација.

Инаку, Меси никогаш не важел за еден од најсигурните изведувачи на пенали. Во текот на кариерата извел 150 пенали, од кои промашил 34, со успешност од 77,34 проценти.

За споредба, Кристијано Роналдо промашил 36 пенали, но од вкупно 219 изведени, што значи дека има успешност од 83,56 проценти.

ВИДЕО | Египет долго ќе жали, Аргентина со чудесен пресврт до четвртфинале на Мундијалот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот