Кајл Лаури се пензионира како играч на Торонто Репторс, потпиша договор на еден ден
Поранешниот НБА шампион Кајл Лаури повторно потпиша договор со Торонто Репторс, но само на еден ден, за официјално да ја заврши својата богата кариера како играч на канадскиот клуб. Ветеранот се пензионираше на 40-годишна возраст.
Препорачано
Лаури, кој беше еден од клучните играчи во историското освојување на шампионската титула на Репторс во 2019 година, сакаше својата кариера да ја заврши токму во клубот со кој ги доживеа најголемите успеси. Од 2024 година, Лаури настапуваше за Филаделфија.
„Им благодарам на моето семејство, пријателите, соиграчите, тренерите, противниците, стручниот персонал, медиумите, а најмногу на навивачите“, изјави Лаури.
„Сè е поради вас. Ви благодарам. Благодарам, Торонто. Благодарам, Канада. Како што секогаш ви велев, сега и официјално се случува. Се пензионирам како играч на Торонто Репторс.“
#7 FOREVER pic.twitter.com/4Cxpr5jSO6
— Toronto Raptors (@Raptors) July 7, 2026
Во деветте сезони минати во дресот на Репторс, Лаури шестпати беше дел на Ол-стар натпреварите. Покрај Торонто, во кариерата настапуваше и за Мемфис Гризлис, Хјустон Рокетс, Мајами Хит и Филаделфија 76ерс, каде што ги мина последните три сезони. Во меѓувреме работеше и како телевизиски аналитичар.
Во Торонто го носеше дресот со број 7, а одлуката за пензионирање симболично ја објави на 7 јули.
Лаури и неговата сопруга воедно се приклучија и на сопственичката структура на екипата Торонто Темпо, нов франшизен клуб во женската НБА лига (WNBA).
„Ние сме големо кошаркарско семејство и сме големи поддржувачи на ’WNBA’ уште од самиот почеток“, се вели во нивното заедничко соопштение.
„Ова навистина е момент во кој кругот се затвора. Возбудени сме што стануваме дел од сопственичката структура на Темпо, што ќе помогнеме да се изгради нешто посебно во Торонто, да ја инспирираме следната генерација спортисти и навивачи и да го поддржиме понатамошниот развој на женската кошарка во Канада.“
Јокиќ сака цела кариера да ја помине во Денвер, го чека договор вреден 350 милиони долари


