Фото: Слободен печат

Фабијани: Клучен беше првиот примен гол

Тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани, по поразот од 2-0 против Купс оцени дека пресудни за негативниот резултат биле грешките на неговите фудбалери, а како најважен момент го издвои првиот примен погодок.

„До тој момент игравме добро и неколкупати создадовме вишок, но по првиот гол натпреварот тргна во насока што сите ја видовме“, изјави Фабијани.

Аргентинскиот стратег не смета дека причината за слабата партија треба да се бара во подготовките во Италија, иако Вардар таму немаше посериозни контролни натпревари.

„Подготовките поминаа добро. По пораз секогаш се бараат причините, но знаевме дека Купс е квалитетен противник и не очекувавме лесен натпревар. Имаме уште многу работа, но и по овој натпревар не би променил ништо од тоа што го направивме во подготовките. Создадовме неколку можности, но не успеавме да ги реализираме“, порача тренерот.

Фабијани истакна дека е свесен за тежината на задачата што ја презел во Вардар и порача дека тимот нема да се откаже пред реваншот.

„Дојдов од голем клуб во Аргентина и добро знам што претставува Вардар. Да не бев подготвен за овој предизвик, немаше ни да дојдам. Во реваншот ќе одиме да играме фудбал, да се обидеме да ја надоместиме негативата и да направиме чудо“, нагласи тој.

Осврнувајќи се на измените во текот на средбата, Фабијани објасни дека тие биле исклучиво тактички.

„Не ги направив затоа што не бев задоволен од фудбалерите, туку сакавме да го смениме ритамот на играта. Грешките што ги направивме беа наши, без да бидеме под сериозен притисок, а противникот знаеше како да ги казни“, заклучи тренерот на Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот