Фридрих Мерц/ Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Мерц предлага „придружно членство“ за Украина и за земјите од Западен Балкан во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложил на Украина и на земјите од Западен Балкан да им се даде активна улога во структурите на Европската Унија како привремен чекор кон полноправно членство, пренесе Дојче веле.

Проширувањето на ЕУ е геополитички императив, нагласува Мерц. За да се обезбеди брза перспектива за пристапување на земјите од Западен Балкан и Република Молдавија, Мерц предлага да им се овозможи привилегиран пристап до единствениот пазар, статус на набљудувач во телата на ЕУ и постепена интеграција во процесите на донесување одлуки.

Во поглед на Украина, Мерц предлага да ѝ се додели нов статус на придружна членка, што би им овозможило на украинските функционери да учествуваат на самити на ЕУ и на министерски состаноци, но без право на глас. Германскиот лидер, исто така, предложил членките на ЕУ да преземат политичка обврска да ја применат клаузулата за заемна помош на блокот кон Украина „со цел да се создаде значителна безбедносна гаранција“.

Европските претставници велат дека е нереално Украина да добие полноправно членство во следните неколку години, иако 2027 беше наведена во мировниот план од 20 точки дискутиран помеѓу САД, Украина и Русија.

Предлогот на Мерц претставува обид да се најде среден пат помеѓу брзото пристапување и моменталниот статус на Украина како земја-кандидатка на почеток на процесот.

„Мојот предлог ја одразува специфичната ситуација на Украина како земја во војна. Тој ќе помогне во олеснувањето на тековните мировни преговори и ова е суштинско не само за безбедноста на Украина, туку и за безбедноста на целиот континент“, напишал Мерц во писмото.

Тој рече дека предлогот нема да влијае на другите земји-кандидатки и побара блокот да разгледа иновативни решенија за оние кои долго време работат на пристапување кон ЕУ.

„Европа се разбуди“: Мерц смета дека ЕУ ја зајакнува својата економска и воена моќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот