Медиумите во Полска се плашат од „државен удар“

Весници во Полска против новиот закон за медиуми/Фото: Vadim Pacajev / Alamy / Alamy / Profimedia

Заканата од државното мешање во полските приватни радио-телевизиски станици и печатени изданија е уште еден тест за односите на Варшава со Брисел

Цели 30 години, полското радио ЗЕТ секојдневно ѝ пласираше на својата публика мешавина од музика, тековни настани и повремен хумор. Но, Полјаците кои се навикнаа на станицата, на 10 февруари на нејзината програма наидоа на нешто поразлично.

Наместо секојдневните содржини, ги дочека куса порака: Владата на Полска сака да ги „уништи независните медиуми“. „Протестираме за да можете да се убедите како ќе изгледа Полска без независни медиуми“, се вели во пораката. „Ви се извинуваме вам, на нашите слушатели и деловни партнери, за промената на денешниот распоред. Но, немаме друг избор.“

Со ваквиот настап, радиото ЗЕТ не беше само. За 24 часа, голем дел од приватните медиуми во Полска се обединија во знак на протест против планот за воведување данок на приходите од рекламирање, што тие го сметаат за сериозна – и тенденциозна – закана за независното новинарство. Радиодифузерите ги заменија ТВ-емисиите со црни екрани со порака: „Тука требаше да биде вашата омилена програма“; интернет порталите блокираа пристап до написи; а 43 медиумски групации потпишаа отворено писмо, означувајќи го планот на владата како „изнуда“. Предупредија дека воведувањето на владината мерка ќе доведе до „ослабување, па дури и ликвидација“ на некои полски медиумски компании, чии буџети се веќе нарушени од пандемијата.

Полска, Нигер и Ерменија

Политичарите од владејачката полска партија Закон и правда велат дека давачката –  во опсег од 2 до 15 проценти, во зависност од големината на приходите од рекламирање, видот на медиумите и рекламираниот производ – има за цел да му помогне на здравствениот систем на земјата да закрепне од пандемијата. Тие првично ги отфрлија протестите како егоистички потег на компании кои плаќаат премалку данок. Но, бидејќи критиките за мерката почнаа да се шират, и помладиот коалициски партнер во владата и неколку американски политичари изразија загриженост, па официјалните лица ја сменија „плочата“, велејќи дека делови од планот ќе бидат изменети. Данокот нема да биде насочен кон мали, локални полски играчи, туку ќе се насочи кон „меѓународните гиганти“.

Малкумина од медиумите менаџери сметаат дека со ваквите промени, битката е завршена. Многумина го сметаат предложениот данок како последен во низата чекори на Закон и правда за ограничување на независното новинарство. Во нив спаѓа ставањето на јавниот радиодифузер под владина контрола и намалување на државните реклами во публикациите што не ја поддржуваат владината линија. Засега, Полска има силен независен медиумски пазар, но трендовите се загрижувачки: откако  Закон и правда ја презеде функцијата во 2015 година, земјата падна од 18-то, на 62-то место во Светскиот индекс за слобода на печатот – и сега е под Нигер и Ерменија.

Некои полски новинари стравуваат дека петтата по големина држава во ЕУ може да заврши на сличен пат кон Унгарија, каде што владата на Виктор Орбан задуши голем дел од независните медиуми во земјата. Полска е една од најголемите успешни приказни на ЕУ во изминатите три децении, но ќор-сокакот околу приватните медиуми е последниот во низата спорови што ја ставија во центарот на натпреварот за унапредување на политичките и културните вредности на Европа.

Обновениот фокус на Закон и правда кон медиумите следи по жестоко оспорената реформа на судството, за која критичарите велат дека му се заканува на владеењето на правото во Полска, како и жестоката дебата за абортусот по контроверзната судска одлука со која се забранија сите видови абортус.

Брисел, кој ги помина последните четири години во костец во битка и со Полска и со Унгарија околу владеењето на правото, јасно стави до знаење дека внимателно го следи воведувањето на предложениот данок. Но, додека некои европски политичари предупредуваат на притаен авторитаризам, ЕУ останува длабоко поделена околу тоа на кој начин да ги брани основните европски идеали во земјите членки.

Еден високо позициониран извршен директор во полските медиуми вели: „Она што навистина го сакаме е да испратиме сигнал и до полската јавност, но и на меѓународно ниво, дека ова е сериозна работа… дека независноста на медиумите и слободата на говорот во Полска се навистина под закана.“

Спротивставување од САД

Откако дојде на власт, Закон и правда, конзервативно-националистичка партија со силни врски во влијателната католичка црква во Полска, не крие дека верува дека на полските медиуми им треба „ремонт“. Предводена од ветеранот на политичката жестокост Јарослав Качински, партијата долго време тврди дека странските групации, како што се швајцарско-германскиот „Рингиер Аксел Шпрингер“ или американскиот „Дискавери“, поседуваат премногу полски медиуми и дека се пристрасни во критиките кон конзервативците.

„Ние мора да имаме свои медиуми. Во нашата земја, неполските медиуми треба да бидат исклучок“, изјави во интервју за wPolsce.pl минатиот месец Качински, сега на функцијата заменик-премиер. „Можеби тоа не е лесно и сигурно не е краток патот за да се оствари тоа, но тоа е единствениот начин да се одбрани нашата слобода, нашиот суверенитет.“

Во текот на изминатите пет години, Закон и правда и нејзините сојузници честопати ја авансираа можноста за донесување закони за прекројување на медиумскиот пејзаж, со наметнување ограничувања на странската сопственост или со ограничување на уделот на пазарот што може да го поседува една групација. Но, поради несогласувања во владејачкиот табор, закон сè уште не е донесен.

Еден проблем е што би било тешко да се усогласи таквото законодавство со правото на ЕУ. Друго е дека САД – најважниот меѓународен сојузник на Закон и правда – одамна јасно стави на знаење дека жестоко ќе се спротивстави на какви било потези што ќе им наштетат на медиумските бизнис-групи во сопственост на САД, вклучувајќи ја ТВН на „Дискавери“, најголемиот независен радиодифузер во Полска и „ноќната мора“ за Закон и правда.

„Нафташи“ купуваат медиуми

Во отсуство на законска регулатива, политичарите од Закон и правда ги повикаа државните контролирани компании да откупуваат странски медиуми во Полска. Во декември, државната рафинерија за нафта „ПКН Орлен“ (PKN Orlen) склучи договор за купување на „Полска прес“ од германската „Верлагсгрупе пасау“ (Verlagsgruppe Passau), во потег што ќе ѝ овозможи на државната компанија, управувана од близок сојузник на Закон и правда, над 20 од 24-те регионални весници во Полска и речиси 120 локални неделници.

„ПКН Орлен“ во тоа време изјави дека договорот ќе ја зајакне неговата „продажба на мало, вклучително и продажбата на  производи кои не се гориво“ и дека пристапот до 17,4 милиони корисници на „Полска прес“ ќе ѝ помогне да ги подобри своите бази на податоци за освојување нови клиенти. Рафинеријата за нафта, исто така, инсистираше на тоа дека нема да се меша во редакциите и ја спореди трансакцијата со купувањето на „Вашингтон пост“ во 2013 година од основачот на „Амазон“, Џеф Безос.

Сепак, зделката предизвика вознемиреност кај новинарите низ издавачките куќи на „Полска прес“. „Расположението е лошо“, вели Кшиштоф Зизик, главен уредник на „НТО“, регионална новинска групација од Ополе во јужна Полска, додавајќи дека двајца од неговите 20 вработени си заминале по објавувањето на договорот.

За 27 години на Зизик во „НТО“, групацијата беше во Норвешка, во британска и во германска сопственост. Но, ова менување на сопственоста, вели тој, се чувствува поинаку – повеќе наликува на откупувањето на руските медиумски групации од страна на „Гаспром“ во корист на Владимир Путин, отколку на купувањето на „Вашингтон пост“ од страна на Безос. „Ова е прв пат во историјата на нашето издание да се чувствуваме дека сме на пресвртница“, вели тој. „И, се разбира, на ова, има и други работи поврзани со намалувањето на новинарската слобода, како данокот за рекламирање. Тоа се сите чекори на патот до орбанизацијата на полските медиуми.“

„Произведување политика“

Политичарите од владејачкиот табор ги оспоруваат ваквите реакции. Анджеј Дуда, претседателот на Полска и близок сојузник на Закон и правда, вели дека купувањето на „Полска прес“ од страна на државната рафинерија е „деловна трансакција извршена во согласност со сите законски процедури“.

Протест во Варшава /29 јануари 2021/ Фото: Jaap Arriens / ddp USA / Profimedia

„Сè додека ние како Полјаци се расправаме и сме тие што имаме влијание врз медиумите и новинарите, а тоа се нашите внатрешни спорови во кои никој не се меша, тогаш сè е во ред“, вели тој. „Меѓутоа, ако се покаже дека одредени политички процеси се случуваат преку активностите на медиумите кои се во рацете на странски капитал, тогаш има проблем.“

Дел од причината што преземањето на „Полска прес“ предизвикува загриженост кај новинарите е состојбата на полските државни медиуми. Во поголема или помала мера, полските влади од сите бои се обидоа да извршат влијание врз државниот радиодифузер ТВП. Но, критичарите велат дека Закон и правда отишла подалеку од кој било друг.

„Не би исцртал убава слика за медиумскиот пејзаж пред 2015 година“, вели Марек Тејхман, заменик-уредник на „Газета правна“. „Претходно можеше да тврдиш дека [извесно известување од државните медиуми] е пристрасно, дека некои информации се премногу субјективни. Но, во моментов, нивната главна цел не е да создаваат вести, туку да произведуваат политика и тоа е најголемата разлика.“

Оваа политика има различни форми. Кога илјадници жени се приклучија на антивладините протести минатата година по пресудата на судот со која сите абортуси беа забранети, една програма на државната телевизија потсетуваше дека во средновековно време, жените во еден дел од Полска, кои предизвикале расправија во јавноста, морале да шетаат низ главниот градски плоштад со камен на вратот. „Којзнае дали слични правила не вреди да се воведат во денешниот јавен живот?“, заклучува нараторот.

Неколку месеци претходно пак, избувна скандал откако една музичка станица контролирана од државата наводно цензурирала песна критична кон Качински.

Пристрасноста на државниот радиодифузер беше демонстрирана и за време на минатогодишните претседателски избори, кога ТВП мешаше непрекинато позитивно известување за Дуда со немилосрдни напади врз неговиот либерален предизвикувач Рафал Трзасковски. Во извештајот за изборите, Канцеларијата за демократски институции и човекови права, набљудувачката организација на ОБСЕ, заклучи дека ТВП „дејствувала како предизборна платформа за актуелниот претседател и често го претставувала неговиот главен предизвикувач како закана за полските вредности и за националниот интерес“ и „не успеа во својата законска должност да обезбеди балансирано и непристрасно покривање на изборите“. Некои од известувањата, се додава, „беа обележани со ксенофобични и антисемитски призвуци“.

„Ако ја гледате главната програма на вечерните вести на ТВП, тоа не се вести… Таму само  се кажува дека Закон и правда се најдобри, а дека опозицијата е лоша“, вели Мариуш Ковалевски, новинар во ТВП од 2016 до 2019 година. „Во тие три години видов дека ситуацијата станува радикална. Одеднаш, можеа да се појават само коментатори од една политичка страна, од медиуми на десницата како ‘Газета Полска’ или ‘До Ржечи’. Другите не беа канети. Директорите одредуваа кој може да биде поканет, а кој не.“

Исцрпување на независните

Како што владата на Полска ги зароби државните медиуми, така компаниите контролирани од државата сè повеќе ги насочуваат своите рекламни буџети кон медиумите што ги поддржуваат владините политики. Анализата објавена месецов од Тадеуш Ковалски, професор на Универзитетот во Варшава, открива дека рекламирањето на државните компании во низа провладини медиуми се зголемило по доаѓањето на Закон и правда на власт. Наспроти тоа, либералните изданија воопшто не добиле реклами од државните компании минатата година, и покрај тоа што имаат двојно поголеми тиражи од провладините весници.

„Структурата на вкупното трошење [од страна на државните компании] покажува слаба корелација помеѓу нивото на трошоците за рекламирање и пазарната позиција на медиумот“, заклучува Ковалски.

Меѓународниот институт за печат (IPI), медиумски „вочдог“ со седиште во Виена, е подиректен. „Државните ресурси (…) продолжија да се злоупотребуваат за да се исцрпат одредени медиуми без приходи од јавното рекламирање“, пишува во неодамнешниот нивен извештај. „Од 2015 година, државните институции и државните контролирани компании, натрупани со лојалисти на Закон и правда, престанаа да се претплатуваат или да објавуваат реклами во независните медиуми, прекинувајќи важен извор на финансирање со примена на политика за економско задушување. Иако политизацијата на државното рекламирање не е ништо ново во Полска, таа достигна нови врвови под Закон и правда.“

Медиумските групи внимателно ја следат битката околу данокот за рекламирање и независноста на полските медиуми. И покрај притисоците, некои новинари остануваат релативно позитивно расположени за изгледите на секторот. Богуслав Чработа, уредник на центристичкиот весник „Рецпосполита“, вели дека 80% од полските приватни медиуми учествувале на минатонеделниот протест и дека оваа солидарност, присуството на странските инвеститори на пазарот и биографиите на познатите новинари во борбата против комунистичките власти, ќе ѝ помогне на индустријата да ги преживее тековните премрежија.

„Ако бевме доволно силни да се бориме за слобода на печатот во комунизмот, можеме да преживееме денес. Затоа, јас сум оптимист. Големата инвестиција, солидните наслови, престижот и солидарноста меѓу новинарите значат дека е многу тешко да нè разбијат. Тие можат да нè повредат со некои активности, како што се мерките од фискалната политика, но навистина е тешко да нè разнебитат“, вели тој. Додава дека стравот дека приватните медиуми во Полска ќе ја имаат сличната судбина како нивните колеги во Унгарија, е погрешен. „Во Варшава нема Будимпешта.“

Другите, сепак, се помалку борбени и се плашат дека нивната потреба за слободна работа сепак може да биде под закана. „Гледајќи ги сите постапки на оваа власт кон слободните медиуми, убеден сум дека постои обид да се потисне слободата на говорот и демократското повикување на одговорност на владата“, вели Зизик од НТО.

„Ја работам својата работа и го чекам развојот на настаните. Но, подготвен сум да поднесам оставка доколку заклучам дека слободното новинарство не може да се практикува под нашиот нов сопственик“, вели тој.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (27-28 февруари 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот