Масуд: Ако талибанците не преговараат, неизбежна е граѓанска војна

Се уште се памети Ахмад Шах Масуд. / Фото: EPA/JALIL REZAYEE

Сакаме да ги натераме талибанците да сфатат дека единствениот пат напред е преку преговори. Ние не сакаме војна. Му се спротивставивме на Советскиот Сојуз, зошто не и на талибанците, вели младиот Масуд, лидер на групата Национален фронт

Лидерот на единствената опозициска група што преостана во Авганистан предупредува дека е „неизбежна“ граѓанска војна во земјата ако талибанците не прифатат да преговараат за поделба на власта.

На ова предупредување од Ахмад Масуд, лидерот на Националниот фронт на отпорот на Авганистан, талибанците возвратија со ултиматум до денеска милициите под негова контрола да ја предадат власта во провинцијата Панџшир и да го положат оружјето.

Ахмад Масуд е син на Ахмад Шах Масуд, своевремено најмоќниот противник на талибанците кога во деведесеттите години од минатиот век првпат воспоставија контрола врз Кабул и поголемиот дел од Авганистан. Ахмад Шах Масуд беше убиен во атентат само два дена пред терористичкиот напад на Ал каеда врз САД на 11 септември 2001 година. Неговиот син го презеде од таткa си авторитетот во Панџшир и милициите што тој ги командува беа единствените што сериозно се спротивставија на талибанската офанзива, за разлика од авганистанските владини сили, кои се разбегаа и практично се распаднаа, наспроти десетиците милијарди долари и десетината години што САД ги вложија во нивното опремување и обучување.

– Ние му се спротивставивме на Советскиот Сојуз, зошто не и на талибанците – вели младиот Масуд, лидер на групата Национален фронт.

Во колумна за весникот „Вашингтон пост“, Масуд пред една недела побара од Вашингтон да испратат оружје како помош за Националниот фронт.

– Сакаме да ги натераме талибанците да сфатат дека единствениот пат напред е преку преговори. Ние не сакаме војна – изјави Масуд за Ројтерс од својот штаб во долината Панџшир.

Во меѓувреме, талибанците воспоставија контрола врз речиси целата преостаната територија на Авганистан и го стегнаа обрачот околу аеродромот во Кабул, каде што се изолирани илјадници луѓе со надеж дека сепак ќе успеат со авиони да ја напуштат земјата.

Во обид да го скршат и последниот отпор во земјата, талибанците му дадоа ултиматум на Националниот фронт, порачувајќи дека „единиците се во состојба на целосна готовност за операција за заземање на провинцијата Панџшир“.

Талибанците преку својата страница на Твитер објавија дека „стотици муџахедини“ веќе тргнале кон долината Панџшир, со цел конечно да го разбијат традиционалниот антиталибански бастион.

– Стотици муџахедини од Исламскиот Емират тргнаа кон провинцијата Панџшир за да ја преземат контролата, откако локалните функционери одбија да ја предадат мирно – порача сега веќе владејачкото движење во Авганистан.

Катарската телевизија „Ал џазира“, пак, јави дека талибанците сепак имаат намера да испратат делегација на преговори со Масуд „во блиска иднина“ и дека се спремни „да понудат гаранции за исполнување на неговите барања“. Извор на руската агенција ТАСС од Панџшир изјави дека веќе почнале преговори помеѓу Националниот фронт и талибанците „за создавање заедничка влада и за надминување на политичките поделби“.

Изворот тврди дека во Панџшир се засилуваат силите на отпорот и дека Националниот фронт располага со „неколку илјади борци“. Либанската проиранска телевизија „Ал Алам“, пак, објави дека оружените сили лојални на поранешниот авганистански потпретседател Амрула Салех веќе го окупирале регионот Чарикар во провинцијата Парван, од каде ги потиснале талибанците. Десетина илјади борци во Панџшир испратил и лидерот на Националното исламско движење, маршалот Абдул-Рашид Достум, исто така ветеран од поранешниот оружен судир со талибанците.

Масуд потсетува дека муџахедините што ги командува се соочиле и успеале да победат многу посилен противник, советските сили што извршија воена интервенција пред четири децении, па сега се спремни да се борат и со талибанците.

– Тие сакаат да се бранат, тие сакаат да се борат, тие сакаат да му се спротивстават на кој било тоталитарен режим – вели Масуд.

Не е чудо што муџахедините од Националниот фронт се одбранија и од налетите на Советите и од оние на талибанците две децении подоцна. Клисурата на Панџшир, која е порта кон регионот, е бедем што тешко може да се пробие. Објавувајќи почеток на нова офанзива врз Панџшир, талибанците прикажаа и кратка снимка на колона од воени камиони – сè уште со ознаки од владините сили, но со истакнати талибански знамиња – што наводно се движи кон клисурата. Но, Масуд вели дека колоната, ако навистина тргнала, не стигнала до клисурата. По падот на Кабул на 15 август, единствените битки близу Панџшир беа пред една недела во три окрузи во соседната провинција Баглан.

Во Авганистан: Ниту има пари ниту што да се купи со нив

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот