Во Авганистан: Ниту има пари ниту што да се купи со нив

Авганистанската валута за неколку дена загуби 7% од вредноста. / Фото: EPA PHOTO EPA/ANJA NIEDRINGHAUS

Авганистанците немаат пристап до пари, а веќе се соочени со астрономски пораст на цените на основните производи – што е рецепт до хиперинфлација во и онака една од најсиромашните земји во светот

Додека очите на светската јавност се вперени кон хаотичната драма на аеродромот во Кабул, каде што илјадници луѓе очајно настојуваат да избегаат од талибанскиот режим, Авганистан тоне во уште подлабока криза со потенцијално катастрофални последици поради хаосот во платежниот систем.

Со блокадата на трансферот на кеш е загрозен опстанокот на десетици илјади семејства, кои досега ја преживуваа економската криза со парите што им ги испраќаат печалбарите од странство. Сите банкомати во поголеми градови одамна се испразнети, а главната берза Сарај Шахзада во Кабул е затворена. Новите талибански власти, пак, немаат пристап до државните резерви од околу 9 милијарди долари, кои се чуваат во САД.

Државните службеници не примиле плата, а уште пред очекуваното воспоставување талибанска власт, имаше големи колони пред банките за повлекување на заштедените пари.

Авганистанците немаат пристап до пари, а веќе се соочени со астрономски пораст на цените на основните производи – што е рецепт до хиперинфлација во и онака една од најсиромашните земји во светот.

На хиперинфлацијата веќе предупреди поранешниот шеф на Централната банка, Аџмал Ахмади, но тој пред една недела ја напушти земјата.

– Локалната валута, авганите, беше поткрепувана буквално со авиони полни со долари што редовно пристигнуваа од САД во Кабул, дури и секоја недела. Ако талибанците итно не изнајдат девизи за да го одбранат авганито, постои реален ризик од девалвација, по која обичните луѓе тешко ќе можат да купат и леб од уличните продавачи – вели за весникот „Гардијан“ Греем Смит од Институтот за надворешен развој.

Ед Долан од вашингтонскиот Нисканен центар ја објаснува ситуацијата што води во хиперинфлација.

– Запре дотурањето долари во земјата, било од печалбари што испраќаат пари на семејствата, било од странска помош. Луѓето што имаат заштеди во локалната валута ќе брзаат да ги разменат авганите за долари. А, бидејќи долари нема, ќе настојуваат да ги разменат за добра. Цените уште повеќе ќе растат – објаснува Долан.

За само една недела, авганито изгубило околу 7 отсто од вредноста. На уличната црна берза пред падот на Кабул 1 долар чинел 80 авгани, а деновиве е веќе 86 авгани. Прогнозите на „Фич солушнс“ се дека авганистанската економија годинава ќе забележи пад од 20 отсто, а се очекува уште повисока стапка на девалвација.

– Земјите што се соочија со слични ситуации, како Мјанмар и Сирија, имаа пад на бруто-домашниот производ за 10 до 20 отсто. Не се отфрла такво сценарио ни за Авганистан – вели Анвита Басу од „Фич“.

Според податоци на Светската банка, печалбарите до своите семејства во Авганистан секоја година испраќаат по околу 800 милиони долари, што сочинуваат 4 отсто од бруто-националниот производ на земјата. Без овој прилив талибанците не можат да ја задвижат економијата, освен ако итно не изнајдат друг извор на девизи.

Масуд: Ако талибанците не преговараат, неизбежна е граѓанска војна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот