Масовна тепачка на маскирани мажи на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб: Тепале со раце и со нозе
Неколкумина се уапсени за тепачката. Полициската управа во Загреб вели дека околу 16 часот имало конфликт меѓу голем број млади луѓе.
Попладнево на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб избила масовна тепачка во која учествувале околу 20 маскирани млади мажи, објави Јутарњи лист.
Препорачано
Инцидентот се случил околу 16:30 часот кај фонтаната Мандушевац. Од снимката не е сосема јасно дали станува збор за конфликт меѓу две групи или за организиран напад врз одредени луѓе. Во еден момент, поголема група маскирани мажи напаѓаат млад човек кој лежи на подот, го тепаат со раце и со нозе, а потоа бегаат во правец на Европскиот плоштад. Еден од нив се чини дека држи предмет сличен на палка во раката.
„Сите бевме шокирани. Луѓето гледаат, полицијата ја нема никаде. Ова е ужасно. Видов дека некои луѓе веднаш ги извадија своите телефони и се јавија, претпоставувам, во полиција“, рекол сведок на тепачката.
Неколкумина се уапсени за тепачката. Полициската управа во Загреб вели дека околу 16 часот имало конфликт меѓу голем број млади луѓе.
„По краткиот конфликт, иако учесниците избегале низ околните улици, загрепската полиција забележала мали групи луѓе на неколку локации за кои се сомневало дека се поврзани со гореспоменатиот настан. Неколку помлади лица се под полициски надзор во службени простории“, соопшти загрепската полиција.
Тие додадоа дека во тек е кривична истрага и утврдување на сите околности.


